Граѓаните заедно, сплотено ќе го сочуваат и Уставот, што денеска е толку актуелен во обидите на власта да го врати помилувањето за изборните нерегуларности, изјави денеска претседателот на СДСМ Зоран Заев, пред Офицерскиот дом во Битола.
„Следуваат многу значајни избори во Република Македонија. Покрај тоа што е важно укинувањето на овие делови од законот и да се спречи овозможување да има помилување за изборни нерегуларности коишто се случиле во минатото. Многу важно е тоа што, со недај Боже, успешност на ваквиот чин се испраќа пораката дека секој оној кој што ќе направи нови избори измами, нови избори грабежи повторно ќе може да избегне одговорност. Тоа не смееме никој од нас граѓаните да го дозволиме“, рече Заев.
Одговарајќи на новинарски прашања, Заев рече дека СДСМ е подготвен за избори на 5 јуни, но дека треба да се заврши работата околу Избирачкиот список и медиумите.
„ Не и значи на опозицијата ништо ако се случи одредена квалитативна промена во делот на медиумите на 5 дена пред изборите. Ние бараме и квалитетно, навремено, за да можеме да ја преставиме нашата програма, нашите политики, нашата визија, нашите кандидати со коишто ќе настапиме пред граѓаните. Само при вакви околности граѓаните ќе можат слободно да одлучуваат, со здобиени информации од сите страни и на крајот пресудна да биде нивната одлука на основа на она што го имаат согледано преку фер третман, пред се преку медиумскиот простор“, порача Заев.
Инаку, тој во рамки на посетата на Битола, го претстави делот од програмата на СДСМ посветен на младите.
OhridNews
Извор:„Макфакс“