После синоќешните прелиминарни резултати кои ги објави Државната изборна комисија во полза на владеачката партија, 51 мандат за ВМРО-ДПМНЕ, а 49 за СДСМ, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, попладнево одржа прес конференција на која рече дека првичните резултати што биле објавени од страна на ДИК не се конечни. Заев рече дека по приговорите ќе има промена на бројот на пратеничките мандати и тој ќе изнесува 50:50.

– Поразивме режим со пенкало и глас. Режимот не смее да формира влада. Им порачуваме на другите партии да не помислат да ја поништат волјата на граѓаните. Груевски не смее да формира Влада. Бидејќи првичните резултати ги збунија граѓаните, конечните резултати допрва следуваат. Постојат разлики меѓу резултатите што ги објави ДИК и резултатите од оргиналните записи. Соодносот по корекцијата на овие разлики во мандати ќе биде 50:50, рече Заев на прес конференцијата.

Заев додаде дека СДСМ ќе поднесе приговори, но не откри поради какви нерегуларности или за кои изборни места се однесуваат тие.

OhridNews