Голема е честа и одговорноста да се води државата, а јас можам да ја водам со социјалдемократската младина до мене“, со овие зборови го започна своето обраќање претседателот на СДСМ и премиер на Република Македонија, Зоран Заев пред младите социјалдемократи во рамки на летниот камп кој секоја година традиционално се одржува во Охрид во организација на СДММ. „Со нашата креативност, мудрост и знаење заедно ќе одржиме лекција дека Македонија може да биде едно среќно и поперспективно место за живот за сите граѓани, а посебно за младите. Животот е нашето мото, им го ветивме на граѓаните и сега наша должност е тие да го почувствуваат и да го конзумираат од позитивен аспект секојдневно.“ порача Заев.

Една од повеќето пораки што претседателот Заев ги упати кон младите луѓе од СДММ е дека преку градење на сојузи и пријателства, со подадена рака секому, преку инклузивен процес на вклученост на сите може да се понесе големата одговорност исправена пред СДСМ и младите социјалдемократи од СДММ во насока на градење на иднина која ќе значи економско подобрување на животот на граѓаните. Зборувајќи за „Младинската гаранција“ тој посочи дека очекува големи резултати бидејќи оваа мерка е проверена европска пракса. Заев најави дека напорите на владата ќе бидат во насока и на изнаоѓање на дополнителни средства од европски грантови и европски кредити со цел да се спречи миграцијата и да се создаде среќен амбиент помеѓу младите луѓе во Македонија, и така да бидат директно вградени во општеството преку квалитетна и добро платена работа.

На Летниот камп на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) се одржа и дебата со генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски.

– Младите луѓе се сегашност и иднина на Македонија. Затоа СДСМ секојдневно вклучува се повеќе млади луѓе во извршната власт, кои со своето образование, квалитет и чесност ќе бидат носители на реформите во Македонија. Фокусирани сме на решавање на младинските проблеми. Дојде времето кога треба да ја реализираме нашата програма, нашите решенија креирани заедно со младите луѓе. Младинската гаранција е една од мерките која ќе им понуди вработување, дообразување на младите, пракса или тренинг. Оваа мерка ќе почнеме да ја спроведуваме од први септември. Ќе следува цел сет на мерки за млади чија примарна цел е задржување на младите во Македонија и намалување на младинската невработеност, истакна Кирацовски во своето излагање.

Додаде дека со работливост, одговорност и отвореност може да се направи од Македонија земја во која вреди да се живее. Кирацовски говореше и за дејствувањето на СДСМ во претстојниот период.

 

OhridNews