Време е за промени во Македонија, кои треба, мора и ќе се случат, истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев на 19-от, програмски конгрес на партијата, што се одржа денеска во Скопје.
Тој истакна дека опозицијата се подготвува за финална пресметка со власта предводена од Груевски, која, според него го одолговлекува преговарачкиот процес.
-Неопходен е беспрекорен предизборен и изборен процес. Нема бегање од Договорот од Пржино.Специјалното обвинителство е формирано, преодна влада е формирана, за неколку дена Никола Груевски заминува. Но, да биде јасно и да нема дилеми, гласно укажувам: СДСМ заедно со коалициските партнери се подготвува за чист изборен процес на којшто ќе биде изразена слободната волја на граѓаните. Работиме на создавање услови за фер избори, однесувајки се трпеливо и грижливо кон својата земја. Но СДСМ исто така цело време е подготвена и за заштита на интересите на граѓаните и на државата. – рече Заев.
Тој подвлече дека еден од најзначајните интереси на граѓаните на Македонија се кристално чисти избори, додавајќи дека избори ќе има само и единствено кога ќе бидат исполнети сите предуслови за кристално чисти избори.
-Зарем некој сеуште се надева дека ќе дозволиме преку купување време да дојдат изборите, а да нема навремено регулирани медиуми, преку купување време да дојде датумот за избори, а да нема навремено оформено нов состав на ДИК, зарем некој сеуште се надева дека токму сега на крајот ќе дозволиме преку купување време да дојде 24 април, а да не е навремено завршено прочистувањето на избирачкиот список? Зарем некој сеуште го лаже паметот, дека сето тоа за кое се боревме ќе дозволиме да падне во вода? На 17 мај не тргнавме кон Владата, затоа што дадовме шанса на кристално чист изборен процес. Никој повеќе, никогаш повеќе, нема да ја изигра волјата на граѓаните, на штета на државата. Избори ќе има оти ние ги баравме, причините ние ги докажавме и за предвремени избори ние се изборивме. Но избори ќе има само и единствено кога ќе бидат исполнети сите предуслови за кристално чисти избори.-истѕакна Заев.
Зборувајќи пред делегатите Заев презентираше сегменти од програмата на партијата со која СДСМ ќе бара поддршка од избирачите. Тој остро ја критикуваше политиката на актуелната влада, најавувајќи нов пристап во функционирањето на институциите.
-Општетството го поставуваме на 5 столбови. Со нив, ќе ги застанеме луѓето на нозе, ќе ја обезбедиме нивната егзистенција, ќе ја стабилизираме економијата. Таму каде што има економска сигурност, таму има борба за демократија и слобода. Се обврзуваме на одговорна власт. Ќе обезбедиме да функционираат сите механизми со цел контрола врз власта. -Граѓаните ќе знаат за што се трошат нивните пари, тие директно ќе учествуваат во одлуките. Главен критериум за вработување нема да биде партиската книшка, туку стручноста и работното искуство. -Административните службеници нема да бидат бркани од работа. Каде што има превработеност ќе има реорганизација по претходно направени анализи. Ќе ја зголемиме ефективноста и ефикасноста на јавната администрација. Ќе го искористиме тој потенцијалн на наши граѓани за успешна Македонија. Ќе воведеме флексибилно работно време и институции отворени за граѓаните до 20 часот. – истакна Заев.
СДСМ најави иницијатива за уставни измени за исклучување на министерот за правда од Судскиот совет, јасни критериуми за избор и напредување на судиите, намалување на судските такси, бесплатна правна помош за ранливите категории граѓани.
-Две години по преземањето на власта, ќе содадеме правен основ јавниот обвинител на Република Македонија да се избира по предлог на опозицијата. – најави Заев.
Тој најави реформи во образованието, социјалната политика, здравтвото… и нова енергија во евроатлантските интеграции.
-Членството во НАТО и ЕУ се наши стратегиски определби. Знаеме дека е погрешно да се мисли дека членството во НАТО и ЕУ сами по себе ќе ја подобрат нашата иднина. Но, без интеграција во ЕУ и НАТО, државата нема иднина, посебно кога сите останати држави од регионот напредуваат во тој правец. Поаѓајќи од Уставот на Република Македонија, за прашањата од највисок државен и национален интерес, СДСМ активно ќе гради консензус на сите релевантни чинители во државата. Идната влада што ќе ја предводи СДСМ реално ќе се ангажира за надминување на наметнатиот спор од страна на Грција, но нема да прифати никаков разговор за идентитетски прашања. За можните решенија остануваме на определбата за референдумско изјаснување на граѓаните. Ќе ги унапредиме комуникациите со припадниците на дијаспората, како што тоа веќе активно го правиме. Нашата цел е почеток на преговори за членство во ЕУ најдоцна до 2017 година. – рече Заев.
OhridNews