Премиерот Зоран Заев денеска по работниот ручек на лидерите на Западен Балкан со германската канцеларка Ангела Меркел го посети новоотворениот Културно-информативен центар на Северна Македонија во Тирана. Заев, во изјава за медиумите истакна дека отворањето на овој културен центар ќе придонесе за популаризација и презентирање на традицијата, културата и уметноста на нашата земја во Албанија, и ќе овозможи навремено и изворно информирање на граѓаните за актуелните културни текови во нашата држава.

Со отворањето на македонскиот Културно-информативен центар овде во Тирана додадовме уште една алка во широкиот спектар за соработка и зајакнување на пријателството меѓу Албанија и Северна Македонија. Благодарение на поддршката на премиерот Еди Рама, како и на силно изразената волја овој проект да се реализира на министерствата за надворешни работи и култура на двете земји, започна со работа Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Тирана. Реализиравме со успех една идеја која започнавме да ја осмислуваме и градиме уште од почетокот на мандатот на оваа Влада во 2017 година. Препознавме дека со една поинтензивна и разновидна културна програма можеме да дадеме сериозен придонес за збогатување и осовременување на традиционално добрите односи меѓу двете земји, смета Заев.

КИЦ во Тирана, според него, ќе биде мост за зближување и заемно запознавање меѓу народите на двете земји, ќе биде место за средби и место за иницирање на нови идеи за многубројни взаемни активности во областа на културата и тоа во музичко-сценската, драмската, литературната и издавачката дејност, уште едно место за презентација и афирмација за традиционалното учество на албанските поети и писатели на книжевните манифестации во Република Северна Македонија, како што се Струшките вечери на поезијата или за претставувањето на македонската книжевност на Интернационалниот саем на книгата во Тирана.

Во Културно-информативниот центар во Тирана, Македонците во Албанија добиваат свое место на кое се секогаш добредојдени за да бидат во директен контакт со културните и другите процеси во Северна Македонија. Во оваа прилика сакам да нагласам дека од наша страна ќе направиме сѐ што е потребно да го забрзаме процесот за отворање на Културно-информативниот центар на Албанија во Скопје, рече Заев.

Сакаме, потенцира тој, колку што е можно поскоро да се воспостави реципроцитет за презентација и на албанската култура во Северна Македонија преку организирање разни настани, изложби, литературни и научни предавања, филмски проекции, промоција во медиумите и обезбедување информативни услуги за заинтересираните граѓани.

Овие иницијативи се сериозни изрази на длабокото и искрено пријателство меѓу двете земји. Тие се израз на европскиот дух што автентично го негуваат и афирмираат и Албанија и Северна Македонија како соседни земји кои се почитуваат и заеднички ги практикуваат европските вредности за добрососедство. Овие вредности се доказ дека и двете земји се дел од европското семејство, дека таму припаѓаат, и дека со многу исполнети критериуми го заслужуваат и формално своето место во заедничкиот дом – Европската Унија, рече премиерот Заев. 

 

OhridNews