Бомбата која ќе ja активира СДСМ, ќе предизвика силна експлозија, бидејќи изборите што се организираа во 2013 и 2014 се криминални, а тоа се однесува и на Охрид, рече лидерот на најголемата опозциска партија на трибината што вечерва се одржа во Охрид.
-Овде сум пред охриѓани и сакам да знаат, дека она што се случи 2013 – 2014 не е пораз, туку кражба која, кога ќе ја обелодениме, ќе знаете дека не изгубивтте, но кога ќе слушне Бакрачески како победил, не знам како ќе додржи да остане на својата позиција. Криминални беа изборите во 2013 и 2014.-истакна Зоран Заев.
Лидерот на СДСМ се осврна и на приведувањето на поранешниот градоначалник на Охрид Александар Петрески, прашувајќи зошто власта година и половина чекала да го уапси него и неговите соработници.
-Поранешниот градоначалник на Охрид е во притвор со неколку свои соработници. Да претпоставиме, дека тоа што сите го чувствувате, оти еден од модалитетите како ни е заробена државата е спрегата помеѓу државата – обвинителство и судството. Претпоставете имаме докази дека таа спрега функционира од еден центар комплетно, имате држава или немате? Кога ќе продолжат со апсења или притворања, што треба да прави народот освен барикади и излегување надвор да го одбрани животот на било кој? Не сакам да тврдам дали има кривично дело или не, јас реагирам на притворот како мерка. Една година и пол Александар Петрески не е градоначалник, една и пол година чекаа да го апсат него и неговите соработници, зошто да го апсат? Вработувал во општината, а државата 3, 4 -до 5.000 вработувања има времено кои што вработи така. Доколку и е така има суд нека се докажува, но кој ќе ја симне црната дамка? Реагираме на притворањата, има граѓани кои се невини во притвор, политички затвореници, имаме докази кои ќе го покажат црното лице на влaста.-рече Заев.
Претседателот на СДСМ упати сериозни критики кон власта за економските политики, посочувајќи дека Груевски 13 години е дел од влада што како премиер, што како министер. Според него заложницата, која на сила ќе стапи на 1-ви јануари 2015 година, ги става во нерамноправна положба економските субјекти.
-Сите знаеме дека држаата е најголем должник. Општествените институции се најголеми должници, но на крајот целата оваа работа ќе кулминира кај што е најтенко, кај работниците. Или треба да се повлече или да важи за сите оваа мерка, и за државата и за сите фирми.-додаде Заев.
Лидерот на опозицијата го критикуваше и воведувањето на екстерно тестирање во образованието, најавувајќи дека опозицијата доколку дојде на власт, ќе ја укине оваа мерка.
На трибината се обрати и заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, која обвини дека девет години Македонија не направила ниту чекор на патот кон Европската унија.
-Вчера беше донесен уште еден, ист заклучок, на земјите членки на ЕУ кои што ни кажаа вест на која веќе се навикнавме, дека уште 12 месеци Македонија ќе помине во ЕУ-чекалницата. Ниту е прв, ниту втор пат. Деветта година Македонија не може да мрдне чекор понапред. Го губи чекорот со сите свои соседи, посочи Шеќеринска.
Таа упати критики до власта што на Индиецот Субрата Рој му ја дала најубавата земја на крајбрежјето
-Ја дадоа најубавата земја на човек кого тогаш судовите на Индија го бараа. Каде е извршителот да му го пратат на Субрата Рој, или ако не нему, тогаш на неговите пријатели овде, Груевски и Ставрески. Кога велеа дека милиони евра ќе дојделе, се гушкаа и бакнуваа со него. Сега велат не знаевме ни дали Субрата Рој ќе инвестира. Во оваа држава божем сите сме еднакви, ама некои се поеднакви од останатите, рече Шеќеринска.
На трибината се обрати и кандидатот за претседател на РМ од здружената опозиција на последните избори, Стево Пендаровски, кој ја критикуваше државната политика на самитот во Белград на земјите од Централна и Источна Европа со НР Кина.
-Од сите страни имаше конкретни проекти што сакаат тие да направат со таа велесила, а нашите заминаа по инвестиции во Саудиска Арабија. Саудиска Арабија може да извезува само две работи, нафта и вахабизам, рече Пендаровски.
На трибината што се одржа во Центарот за култура во Охрид, учествуваа претставници на коалициските партнери на опозицијата.
Ohridnews