Лидерот на СДСМ ниту ги потврдува ниту, пак, ги демантира сè погласните шпекулации дека предвремените парламентарни избори ќе се одржат кон крајот на јуни оваа година.

Во изјавата за агенцијата „Мета“ тој дури на маса става дека „можеби ќе се дојде до заклучок дека септември е идеален датум“, но истакнува дека сè уште нема договор за поместување на изборите и, како што вели, за таа одлука треба да разговаат сите потписници на Договорот од Пржино на средбата со еврокомесарот за проширување и за меѓусоседска политика, Јоханес Хан, во Скопје.

– Засега нема конкретен договор за поместување на изборите закажани за 24 април. Можеби во општинските организации сме разговарале за роковите до кога би се прочистил избирачкиот список или би се нашол договор за медиумите. За конкретни датуми ќе разговараме на средбата со Јоханес Хан во Скопје, но тоа не значи дека изборите не можат да се одржат во април или во јуни. Можеби ќе заклучиме дека идеално време за одржување на изборите ќе биде во септември. Сепак, за тоа треба да разговараме со еврокомесарот во Скопје и со другите партии потписнички на Договорот од Пржино. Ако добијам, пак, цврсти гаранции дека изборите ќе бидат фер и демократски, тие можат да се одржат и на 24 април. – изјави за „Мета“ лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Заев ни ги потврди неофицијалните информации дека тој на средбите со општинските организици на СДСМ низ Македонија разговара за датумот и за поместување на изборите, но вели дека ни таму не се заклучило ништо конкретно.

Секој обид да биде загрозена крајната цел на Договорот од Пржино, односно изборите на 24 април, е загрозување на целокупниот договор и на конечниот излез од политичката криза, вели директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, запрашан за коментар за денешната изјава на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека со еврокомесарот Јоханес Хан ќе се разговара за тоа дали изборите ќе бидат во април, јуни или дури во септември. 

– Излезот од политичката криза, односно изборите кои треба да се одржат на 24 април се круната на Договорот од Пржино. Граѓаните на Македонија очекуваат договорот да биде реализиран и земјата да продолжи да чекори по патот на реформите. Секој обид да биде загрозена крајната цел на договорот, изборите на 24 април, е загрозување на целокупниот договор. – вели Котевски.

Тој вели дека суштината на Договорот од Пржино „не е некој да стане технички министер без мандат од граѓаните“, туку да се најде излез од политичката криза.

Утре во Скопје треба да допатуваат европратениците Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл, а во текот на неделата се очекува да дојде и еврокомесарот Јоханес Хан, кој треба да ја утврди фактичката состојба од исполнувањето на Договорот од Пржино.

OhridNews
извор:„Мета“