Во Македонија нема услови за фер и демократски избори на 24-ти април. Она што постојано го говоревме директно е потврдено и од меѓународната заедница, од ЕУ и САД, рече лидерот на опозицијата, Зоран Заев.

„Нема услови за регуларни, кредибилни избори затоа што не е прочистен Избирачкиот список и не се спроведени реформи за слободни медиуми.Кога меѓународната заедница најави објективна оценка за условите за одржување предвремени избори во Македонија, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ немаа ништо против. Напротив, рекоа дека ќе ја очекуваат оваа оценка на ЕУ и САД. Од тогаш, заради страв од промените, власта во заминување, но и некои други, тврдеа дека има услови за фер и демократски избори на 24-ти април. Вчера, Никола Груевски избега од објективната оценка. Вчера, Никола Груевски избега од соочување со вистината. Вистината е болна за Никола Груевски. Тој ги направи изборите на 24-ти април невозможни“, рече Заев.

Според Заев, било какво инсистирање за нерегуларни избори ќе ја втурне Македонија во драматична криза со несогледливи последици.

„Во Македонија мора да има фер, кристално чисти избори со слободно изразена волја на граѓаните, потврдени од меѓународната заедница.Нема да дозволиме сценарија за одбрана на криминалот и корупцијата на мафијата во власта. Никој не може повеќе да ја држи Македонија во заложништво.На Македонија и се неопходни избори, час поскоро. Избори без фантомски гласачи, притисоци и окупирани медиуми. Избори на коишто ќе одлучат граѓаните, а не мафијата. Времето на демократски промени во Македонија доаѓа. Ниту едно сценарио на Никола Груевски тоа не може да го спречи“, додаде Заев.

OhridNews
Извор:„Макфакс“