Повеќе од два месеци во Македонија постои голем страв од насилно ескалирање на политичката криза, но СДСМ нема да го дозволи тоа, вели лидерот на партијата Зоран Заев во интервју за Al Jazeera, пренесува „Макфакс“.

„За конфликт се потребни две страни а ние нема да дозволиме некој да не вовлече во конфликт. Нема да дозволиме народот да се судри со народот, остануваме надвор со многу трпение и посветеност, низ инсистуциите на системот како што тоа демократските процеси го опишуваат согласно Уставот на Република Македонија. Единствиот излез и решение е низ институциите на системот, преку давање на мандатот за формирање на влада, потоа формирање на влада, и поминување на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, каде што сите заедно ќе почнеме да го правиме реформскиот процес за доброто на сите граѓани на Македонија“, изјави Заев во интервјуто.

Запрашан околу тоа што очекува од посетата на еврокомесарот Јоханес Хан во вторник, Заев вели дека очекува австрискиот дипломат да му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски „да престане да испраќа пораки со кои поттикнува насилство во Македонија“.

„Хан веќе со соопштение најави дека очекува демократско предавање на власта, и брзо формирање на реформска влада, со што земјата ќе биде повторно нормална и очекувам тоа да го каже за време на посетата. Истовремено очекувам да му порача на Груевски да престане да испраќа пораки со кои поттикнува насилство во Македонија, се со конечна цел да се спаси себеси од она што претставува сомневање за криминал. Да се зборува дека Македонија нема ни да постои и ќе биде уништена поради тоа што тој нема повеќе да биде на власт, тоа е далеку од здравиот разум“, вели лидерот на СДСМ.

Околу тоа пак дали решението би можело да биде и она што е предложено од страна на ВМРО-ДПМНЕ, односно широка коалиција без поддршка за ткн „Тиранска платформа“, Заев вели дека „не може оној што ја направи кризата, да биде и решение за неа“.

„За нас не може човекот којшто е носител на режимот и ја продуцираше оваа криза преку незаконското прислушување на 20 илјади граѓани, лицето Никола Груевски да биде и решение за кризата. Ние ги повикавме сите чесни сериозни патриоти и граѓани, членови на ВМРО-ДПМНЕ да ја поддржат оваа програма на идната влада. ВМРО-ДПМНЕ треба да биде подготвен да помине во опозиција, треба да знаат дека редот им дојде и да поминат во опозиција, од 120 пратеници имаме поддршка од 67 пратеници а позади нив стојат 700 илјади гласачи наспроти 450 илјади кои стојат позади Груевски и досегашната власт“, потенцира Заев.

Лидерот на СДСМ повтори дека единствениот релевантен документ е Програмата на новата влада и дека преку нејзе се потврдува дека не постојат никакви „Тирански платформи или декларации“.

OhridNews
извор: „Макфакс“