Очекувам Ѓорге Иванов да ми го додели мандатот за формирање нова Влада на Република Македонија. Сите поинакви опции ќе значат кршење на Уставот и злоупотреба на функцијата, рече на денешната прес конференција претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

– За целата домашна и меѓународна јавност е јасно веќе 50 дена, од денот на изборите, граѓаните избраа промени. Оттука, неопходно е да се формира Влада што ќе ја одразува мнозинската волја на сите граѓани. На Република Македонија и е потребна Влада што ќе ги обединува граѓаните наместо да ги дели. Потребна и е стабилна и одговорна Влада којашто ќе го подобри квалитетот на живот на сите луѓе во државата и ќе води реални политики. И Влада којашто ќе ги обезбеди стратешките интереси на граѓаните и на Македонија, а тоа се придвижувања кон евро-атлантските интеграции, рече Заев.

Како што рече, СДСМ е подготвена и целосно посветена на формирање Влада којашто ќе ги спроведе реформите предвидени во Договорот од Пржино и итните реформски приоритети констатирани во извештаите на Прибе и на Европската комисија.

– Тоа ќе обезбеди владеење на правото и поставеност на институциите исклучиво во служба на граѓаните. Таа Влада ќе гарантира дека сите граѓани без разлика на етничката или политичката припадност ќе имаат еднакви права и обврски пред законот и институциите. На изборите во Македонија победи концептот на заедништво и новата Влада ќе ја гради Македонија во таа насока – во едно општество за сите граѓани, рече Заев.