Новата власт предводена од СДСМ, од декември натаму, после изборите има намера конкретно да се втурне во решавање на вистинските проблеми на граѓаните, изјави денеска во Струга, лидерот на опозциската СДСМ. Според него Струга е еден од регионите наши којшто е заборавен од власта.

-Останаа основни работи на граѓаните, коишто се наше секојдневие, голем дел од нив врзани за нашите деца, не завршени заради тоа што парите отидоа во споменици и мал милион други глупости. Денеска децата во Струга не знаат дали ќе почне школската година со струја во училиштата. Урнисани се условите комплетно во самите училишта, во болниците, во здравството, полициската станица мора да се реновира, градскиот базен е заборавен и го аби времето. Има повеќе населени места без канализациони системи. Овие се секојдневни актуелни проблеми коишто го создаваат аспектот на живот на граѓаните. Не можат да останат заборавени. рече Заев, најавувајќи решавање на проблемите во општина Струга после парламентарните избори на кои тој е уверен дека ќе победи опозицијата предводена од СДСМ.

Тој најави дека целиот ангажман на СДСМ, ќе биде насочен кон младите и обезбедување работа и перспектива за нив. Во делот на Струга најави реновирање на училиштата, финансиска помош за општините за плаќање на тековните обврски во образованието, целосна реконструкција на болницата и градскиот базен, реконструкција и заокружување на колекторскиот систем во Радожда и Враништа, подобрување на условите за живот во дримколскиот крај, унапредување на меѓуетничките односи и решавање на проблемите на сите краѓани во општината.

Во врска со изборите Заев истакна дека од исклучителна важност е прочистувањето на Избирачкиот список.

– Последниот извод на Избирачкиот спосок е 1 милион 804 илјади гласачи. Во Македонија сите знаеме дека нема повеќе од 1 милион и 600 илјади жители. Тоа што ќе се случи со прочистувањето на Избирачкиот список ќе ги отклони сите фалсификат можности коишто и требале на власта, односно коишто власта ги правела и евентуално би посакувала повторно да ги направи. Целосно нивно отстранување. 171 илјада и 500 гласачи се ставаат во вториот дел на Избирачкиот список, тие не го губат своето право на глас. Но, ставајќи ги во вториот дел на Избирачкиот список нашите членови на избирачките одбори и посматрачите веќе ќе очекуваат и ќе знаат дали Ѓоко е Ѓоко или Ѓоко е всушност Ванчо. Значи не може веќе никој повеќе да го краде идентитетот на нашите граѓани. Нашите претпоставки, согласно разговорите, се дека власта само користејќи го правото на нашинците коишто живеат надвор од Македонија, некои од нив се родени во Македонија, голем дел од нив да им кажете да ја покажат Македонија на глобусот, не знаат да ја покажат, но некој гласал овде. Таа можност ќе се отстрани. Тоа се десетици илјади гласачи коишто власта ги злоупотребувала. – истакна Заев.

Запрашан околу кандидатите за ад хок телото за регулирање на медиумите, претстедателот на СДСМ рече дека медиумите се една од најголемите слабости во Р.Македонија и мора да има подобрување во оваа сфера. „Јас се надевам дека првиот исчекор Македонија ќе го направи преку ад-хок телото и преку главниот уредник којшто од делот на експертите треба да биде предложен од опозицијата.“-додаде Заев.

OhridNews