Вчерашните изборни резултати се резултат на систематскиот притисок на власта на Никола Груевски преку државните инструменти изминатите 8 години, и на ништо друго, истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев на прес конференцијата што се одржа денеска.
-Сепак, и покрај сите закани и уцени, вчера зад опозицијата застанаа околу 330 илјади граѓани на Република Македонија, што е растечка тенденција, а уште огромен број гласачи од разни причини остананаа дома. Ова е максимум на злоупотребите на власта врз гласачите. Во вториот изборен круг треба да ги мотивираме сите тие граѓани да го изразат својот став, којшто евидентно, со останувањето дома и порачува на власта дека ја нема нивната поддршка. Наша должност е да го разобличиме системот на Никола Груевски и да дадеме одговор на сите сомневања, претпоставки и дилеми. Јас ви тврдам дека Социјалдемократскиот сојуз работи на тоа и тоа ќе го направи. – рече Заев.
Тој додаде дека опозцијата нема да се откаже од борба и ќе ја разобличи политиката на власта.
-Ситуацијата и атмосферата на терен ја видовме со свои очи. Поддршката за кандидатот за претседател Стево Пендаровски е реална и огромна. Проверено е. Задоволни граѓани нема. Луѓето сакаат промени. И тутунарите и градинарите, и земјоделците, и кај јавната администрација на којашто и е смачено да гласа под уцени. Го споделуваа тоа со нас. Го споделуваа и оние 55 проценти од младите кои се невработени и очајните семејства на над 20-те проценти млади кои ја имаат напуштено земјава. Јасно му е и на бизнисот дека македонското стопанство е во рацете на оф-шор компании поврзани директно со фамилијата на Никола Груевски којашто функционира исклучиво за лични интереси. Го видовме и го слушнавме сето тоа и ете токму овие состојби се огромната мотивирачка сила што ја имаме кога велиме откажување нема.-порача Заев
Лидерот на СДСМ најави дека опозцијата од денес почнува од нула во вториот дел од кампањата во која, како што рече, власта влегува со психолошка предност, посочувајќи дека „наредните денови сите ќе дознаат кој е главен креатор на криминалите во државата поради коишто пати народот“.
OhridNews