Ова повеќе не e партиска битка, ниту пак битка на опозицијата против власта, ова е битка на целиот наш слободарски народ против врхушката од власта, против поединци од власта. Ова е битка на човекот за човекот, ова е битка за човековите права и слободи. Ова е битка за се што е одземено безмилосно и брутално од страна на власта. Ова го истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев на протесниот собир во Охрид.
Тој најави дека во име на вистината за Македонија ништо нема да биде премолчено и дека во наредниот период ќе бидат обелоденети докази и аргументи на многу чувствителни теми кои ќе допрат до сите граѓани.
-Ќе стигнат чувствителните материјали до поединци, групи до семејствата, затоа ќе ги повикам невладините организации, интелектуалци, лекарите, таксисти, работниците, кога ќе проработи револтот кај вас внимавајте, немојте да барате одговорност кај другите, не се виновни спротивните вери, не е виновно дури ни ВМРО ДПМНЕ и нивните поддржувачи, поединци се виновни, рече Заев.
Тој истакна дека Македонија не смее никогаш да ја заборави дрскоста и безобразието на оваа власт и никој нема право да вети и да договара амнестија за криминалците.
-Никој не смее да ветува секој ден дека ова што се случувало во Македонија не смее никогаш да се повтори, а притоа да ветува амнестија, едното со другото не оди. Ние ветуваме секој ден дека тоа што се случувало во нашата земја нема да дозволиме никогаш повеќе да се повтори и притоа треба да знаат сите и јасно и гласно се што имаат украдено ќе го вратат на народот и на државата, рече Заев.
Заев тврди дека опозицијата нема да се откаже од проектот „Вистината за Македонија“ и нема да подлегне на притисоците од меѓународната заедница, бидејќи, како што рече, во прашање е иднината на државата. Тој ја предупреди власта да не посегнува по црни сценарија, посочувајќи дека деновиве се запалени повеќе возила на активисти на СДСМ.
Пред присутните се обратија и потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчески и членот на Извршниот одбор на СДСМ од Охрид Ѓоко Танасоски.
-Сега откако им паднаа маските гледаме дека од се што фатиле само штета направиле. Без трошка срам промовираа белосветски криминалци како најголеми инвеститори, а за целата таа фарса се криел само добро осмислен криминален план за прекројување на цели урбанистички планови и овде во Охрид исто како што правел Груевски во Скопје. Со нивниот најголем пријател Субрата беа спремни да посегнат дури и по приватните имоти во Љубаништа, рече Танасоски во својот говор пред присутните.
Тој истакна дека и покрај сугестиите на домашните и светските експерти, власта прави чекори кои го загрозуваат статусот на Охрид во УНЕСКО.
-Небулозните идеи за оградување на езерото и криминалните планови за урбанизирање на Студенчишкото блато, за што стојат исклучиво лични интереси, на крај ќе го избришат Охрид од картата на УНЕСКО. Нивните стратегии за развој на туризмот само ги нагрдија дворовите на нашите најсвети места како што е Плошник и ги претворија во мегаломански градилишта за перење пари, рече Танасоски.
Тој истакна дека охриѓани не треба да дозволат Охрид да биде претворен во уште еден монструозен проект на власта како што е Скопје 2014.
OhridNews





















