Потписите се обезбедени, верувам дека 10-15 дена Македонија ќе има нова Влада предводена од СДСМ, изјави денеска во Сараево претседателот на СДСМ Зоран Заев, кој во посета на БиХ се наоѓа за да ја прими наградата за најградоначалник во регионот.

„Еве вака, синоќа знам дека раководството на ДУИ донесе одлука да ги обезбедат потписите и да ги дадат, поради тоа што како второ рангирана партија бевме условени од претседателот на државата Ѓорѓе Иванов да обезбедиме потписи за да ни биде даден мандатот, по нашиот Устав тој треба да го даде веднаш мандатот. Сега се веќе обезбедени потписите за давањето на мандатот, јас верувам дека остануваат мал дел од преговорите околу формирањето на Влада, заради тоа што најзначајните прашања, а тоа се идната владина програма, платформата на социјалдемократите, платформата на албанските политички партии, законот за употреба на јазиците се усогласени. Тоа беа суштествените работи, останува да седнеме со претседателите на другите партии да се договориме за ресорите, за кадрите во делот на Владата и верувам дека за некои 10-15 дена Македонија ќе има нова Влада предводена од Социјалдемократите. – изјави Заев по средбата со претставници на Социјалдемократската партија на Босна и Херцеговина.

OhridNews