Го повикав неколкупати досега Никола Груевски, да и’ одговори на македонската јавност за криминалот во кој тој е лично инволвиран, рече челникот на опозициската СДСМ и го повика лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ да се повлече и да признае дека бил „длабоко инволвиран во криминал“ или ќе продолжел со објавување материјали за, како што рече Заев. „бесконечната игра со кеш“, jавува „Макфакс“
„На 27-ми април, масовно да излеземе на гласање, и вие кои излеговте во првиот круг од претседателските избори и го дадовте својот глас за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, на тој начин поддржувајќи ги промените во Македонија, и вие кои од кои било причини не излеговте. Да го прекинеме владеењето на оваа корумпирана и расипничка власт“, апелираше Заев на прес-конференцијата во понеделникот.
Според претседателот на СДСМ, вториот начин бил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски сам да се повлекол од власта.
„Затоа, денеска повторно го повикувам основноположникот и креаторот на криминалната мрежа во Република Македонија – Никола Груевски, те повикувам, веднаш да понесеш одговорност и да ги тргнеш валканите раце од Македонија. Можеш да ја спасиш Македонија и македонскиот народ од маката со еден потег – да заминеш“, рече Заев.
„Ќе се повлечеш и ќе признаеш дека си длабоко забразден во криминал или да продолжам да излегувам пред јавноста и да ја покажувам твојата бесконечна игра со кеш?“, се закани Заев.
Претходно Заев ги повтори своите тврдења од минатата седмица кога презентираше транскрипти од телефонски разговори за тоа дека „Груевски ја организирал продажба на ’Македонска банка’, а ниту бил акционер, ниту бил сопственик, туку само претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Ја продал банката зад грбот на акционерите и зад грбот на директорот на банката. Никола Груевски од продажбата на Македонска банка лично земал кеш од милиони евра“, тврди лидерот на СДСМ.
Според Заев, само за даночно затајување, Никола Груевски направил дело коешто, согласно Кривичниот закон, се санкционира со казна затвор од најмалку четири години.
„Не е доволно што Груевски е фатен на дело, туку тој продолжува да ги лаже граѓаните, па дури и ја блокираше информацијата во сите медиуми под негова контрола. Денес на медиумите има повеќе изјави како Груевски ја лаже македонската јавност дека не направил криминал, а го игнорираат доказот за криминалот, односно скандалозната аудио снимка што го разоткрива неговото вистинско лице“, рече Заев.
Додаде дека „сите во Македонија можат да претпостават дека примањето кеш и притоа избегнувањето плаќање данок кон државата е практика којашто продолжила кај Никола Груевски како претседател на ВМРО ДПМНЕ и од кога станал Премиер на Република Македонија. Сѐ почнува од криминалниот модел што го воспоставил Никола Груевски и оттогаш наваму се шири тој за него успешен модел, којшто денес финансиски ја клекна на колена Република Македонија. Овој модел денес контролира сé во државата“, смета првиот социјалдемократ.
Заев рече дека ваквиот модел „денес е присутен во сите пори на општественото живеење и ја има подјадено Република Македонија до ниво на вистинска задолженост на државата од преку 50 отсто од БДП-то, до ниво на преку 70 отсто сиромаштија на граѓаните, до ниво на преку 440 илјади граѓани заминати од државата, до ниво на апсолутна диктатура – медиуми под целосна контрола на режимот, страв кај граѓаните и непостоење на основните вредности на слободно живеење“
Демократијата, правдата и слободата денес, како што смета Заев, се ретка привилегија на поединци и затоа уште еднаш ги повика гласачите масовно да излезат на изборите во недела бидејќи, како што рече, „грабежот што и’ се случува на Македонија е многу сериозен и мора веднаш да се спречи“, зашто „поставената криминална мрежа од страна на врвот на власта, којашто константно, долг период, ја краде државата, а се одржува на власт со системска контрола на гласачите, мора веднаш да биде прекината оти ќе има непорпавливи последици за земјата.
Реагираше ВМРО-ДПМНЕ, од каде истакнаа дека Заев ќе го добие одговорот од граѓаните на 27-ми април.
Граѓаните на 13-ти април со огромниот пораз му упатија јасна порака, но Заев не ја разбра и не сака да ја прифати, затоа на 27-ми април пораката, односно неговиот пораз, ќе е уште поголема и уште појасна, му порачаа од ВМРО-ДПМНЕ на лидерот на опозициската СДСМ кој во понеделникот се закани дека ќе објавувал наводни компромитирачки материјали за „случајот кеш“ со продажбата на „Македонска Банка“.
Како што се наведува во писмената реакција од владејачката партија, Заев само ги потврдува тврдењата искажани од ВМРО-ДПМНЕ дека челникот на социјалдемократите е во паника и реагира со гнев и агресија, поради стравот од, како што велат, сé поизвесниот изборен пораз.
„Зоран Заев покажува дека е подготвен да лаже и да манипулира, само и само да се добере до власта. Неговите постапки говорат за него. Граѓаните секој ден сé појасно и поубаво можат да ја видат неговата нереална и болна желба за власт, но и неговиот нечовечки лик“, се вели во изјавата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Овој Зоран Заев, кој деновиве може да го видат сите граѓаните, всушност е истиот Зоран Заев кој е аболициран за криминал од повеќе од 8 милиони евра, е истиот Зоран Заев кој се закануваше дека живи луѓе ќе јаде, дека ќе се пука. Овој Заев е оној Заев кој се закануваше дека од чистачка па нагоре ќе ги брка сите од работа. Овој Зоран Заев е истиот Зоран Заев кој си делел огромни тендери на фирмите на неговиот татко, чичко, брат, братучеди, снаи. Овој Зоран Заев е истиот оној кој не знае колку пари и имот има тој и неговата фамилија“, се вели во реакцијата на владејачката партија.
Притоа од ВМРДО-ДПМНЕ констатираат дека „е добро што граѓаните имаат можност да го видат. Добро е што сам, носен од срамот и гневот од изборниот пораз, си го покажува вистинското лице“.
OhridNews
извор:„Макфакс“