Авангардни Статутарни промени во СДСМ, во многу нешта први од ваков вид во југоисточна Европа, ако не и пошироко, најави лидерот на опозициската партија, Зоран Заев, на 15.КОнгрес на партијата, пренесува „Макфакс“.

„Со гордост ќе потенцирам дека е историски чинот на зголемувањето на учеството на младите во сите органи и тела на СДСМ, како и целосно еднакви можности на жените и мажите во политичките и општествени процеси. Зголемувањето од 20 на 30 проценти за младите и од 30 на 40 проценти учество на помалку застапениот пол во органите на СДСМ е нов квалитет кој приличи да го постави за прв пат најповеќе СДСМ од било кој друг политички субјект во Македонија”, рече Заев.

 Додаде дека, овие нови вредност што ги промовира СДСМ, нема да дозволи да останат само на ниво на внатрепартиска организираност.

„Ќе сториме се, истите да ги наметнеме и да бидат прифатени од останатите политички субјекти во државава и да се издигнат на ниво на законска обврска при комплетирањето на листите на партиите на секои наредни избори”, рече Заев.

Новите статутарни промени испраќаат порака до општеството за целосна отвореност на партија кон граѓаните од сите општествени слоеви, кон сите оние што не се согласуваат со состојбите во општеството и чувствуваат порив и потреба да се вложат себеси за подобра и поквалитетна иднина на нашата држава, порача Заев.

 „На овој, денешен, 15-ти Конгрес, ќе го потврдиме визионерството и авангардноста на нашата партија. Денеска правиме уште еден, историски исчекор промовирајќи нов политички квалитет и социјалдемократски вредности втемелени во основите на современите прогресивни европски партии и движења… Со измените и дополнувањата на Статутот на партијата се отвараат вратите на СДСМ за сите граѓани кои не се согласуваат со политиките на Власта, кои не се согласуваат со состојбите во државата, кои не можат да молчат и да гледат како ни тоне земјава наша. Денес преку овој документ – Устав на СДСМ и формално се создава можност да се приклучи секој кој сака да даде свој придонес кон подобро утре, кон подобар живот, кон перспектива и надеж, кон поинаква, кон подобра Македонија”, рече Заев.

 Преку Статутарните измени, СДСМ се залага за целосно почитување на човекот, неговото достоинство, права и слободи, за развивање на демократијата и обезбедување еднаквост на граѓаните, за натамошна изградба на Република Македонија како суверена, демократска и правна држава, која почива на темелните вредности на нејзиниот уставен систем, обезбедувајќи плуралност и слобода на медиумите.

Секако, тука се и еднаквите можности на жените и мажите, а ги отвораат вратите на партијата за сите граѓани кои се залагаат за изградба на општество на еднакви шанси и социјална правда, во кое ќе бидат гарантирани економските слободи и заштитата на правата од работа, развивање на пазарно стопанство, втемелување и примена на европските вредности во Македонија и нејзино членство во ЕУ и НАТО, афирмација на правата и зголемување на шансите за најранливите категории и маргинализираните поединци и групи, обезбедување на услови за развој на науката, образованието, културата и спортот, развивање одговорен пристап кон животната средина и природата.

Заев смета дека мнозинството граѓани не се согласуваат со политиките на власта што резултира со „разорена демократија, згазени институции, поданичко судство, угушени медиуми…зад решетки, без никаква причина скапуваат новинари со нарушено здравје, Македонија по примерот на режимски општества е земја на политички затвореници”…

„Државата неконтролирано и непродуктивно тоне во долгови, народот мизерува во сиромаштија, а се богати единствено семејната и партиска олигархија на ВМРО ДПМНЕ. Македонија од пример за стабилна, мултиетничка и мултиконфесионална демократија, денеска живее во сивата зона на хаосот и конфликтноста во општеството што сериозно се закануваат на опстанокот на земјата… Деновиве колапсот на Македонија под водство на Груевски беше меѓународно верификуван. Власта го доживеа најголемиот пораз на политиките на квазипатриотизам и евроскептицизам. Се распрснаа како меур од сапуница надежите на граѓаните за членство на земјава во европското семејство на држави. Македонија благодарение на концептот на премиерот не е ни вредна за спомнување од европските авторитети. – Од лидери, станавме најголеми балкански лузери. Тажно и разочарано гледаме во грбот на довчерашните европски аутсајдери – Србија и Косово, а пред седум години чекоревме заедно со Хрватска – утре таа е полноправен член на ЕУ…- За дебаклот Груевски дрско и безобразно ги обвинува сите …опозицијата, домашните предавници, меѓународната заедница…Цел свет е виновен, само тој не…”, рече Заев.

Според Заев, Груевски го монополизира и конзервира за себе авторството во преговарањето со Грција, а кога губи – другите му се виновни. Денес, човекот што им ја скрши кичмата на граѓаните на Македонија, го пеплоса ‘рбетот на државата, човекот што во име на античките корења на нашиот народ го порази и погази достоинството на земјава и македонскиот народ сеуште не сваќа дека има огромна разлика помеѓу свиткана кичма и скршена кичма”, рече лидерот на СДСМ.

Порача дека социјалдемократите се силата што мора да ги оневозможи ветата што Груевски и неговата владејачка номенклатура и ги наметнаа на Македонија.

„Притоа да бидеме на јасно – СДСМ нема да дозволи прав да падне врз нашиот национален идентитет, нашиот национален јазик и нашата национална посебност. Но, ние сме луѓето, партијата, организацијата што во сојуз со граѓаните ќе ја врати Македонија на вистинскиот колосек… Ќе биде исклучително тешко и макотрпно… Свесен сум и јас и вие за тешкотиите, но истовремено и непоколебливи сме сите во ставот дека Република Македонија и нејзините граѓани заслужуваат многу понадежна и посветла иднина. СДСМ тоа и го должи на Македонија и тој долг ќе мора го подмириме”, порача Заев.

OhridNews