Треба со убаво и мирно да се изврши промена на власта, истакна во говорот на осмомартовскиот марш лидерот на СДСМ Зоран Заев, што се одржа денеска во Гевгелија.

-Сите овие години се бориме рамо до рамо, но вие бевте тие кои не мотивиравте, вие бевте тие кои го водевте орото напред и еве сега сме исправени да направиме промена на власта. Ги дочекавме промените од 120 мандати, 67 мандати имаме позади нас и еве жне пред формирање Влада. И мајката, не сакаат власа да ја предадат, банални изговори изнаоѓаат како само и само власта да не ја предадат, а сакаме со убаво, сакаме со убаво затоа што малкумина сме, роднини паѓаме, толку ни е Македонија. Ајде денеска уште еднаш да испратиме порака со лесно, но пред се и со убаво, да направиме промена на власта. Од овде, од оваа говорница, со оваа прекрасна глетка, ајде на нашите политички противници да им испратиме 20-30 илјади убавини, да ги видат зашто убаво да ја промениме власта. Дозволете со кренати знаменца да направиме една убава слика, со убаво се промени власта. – рече Заев.

Заев најави флексибилно работно време за самохраните родители и регулирање на враќањето на жените на истото работно место по породилното отсуство.

– Ќе поттикнеме секој правен субјект да мора да има синдикат што ќе ги штити правата на работничките и работниците. Градинките ќе работат во две смени. Клучните државни институции ќе работат во две смени, до 20 часот, за да го олесниме функционирањето на родителите и посебно на мајките. Ќе обезбедиме државна поддршка за зголемување на бројот на жени претприемачи, со што ќе овозможиме жените да водат сопствени бизниси. Ќе овозможиме вработувања на жените во руралните средини и поддршка за жени – фармерки. И ова да се однесува на сите жени во Македонија. Е ова е заедничкиот јазик на којшто зборуваме, ова е јазикот на животот на којшто сите ќе се разбереме – живот за сите, правда за сите. – додаде Заев.

OhridNews