Направивме голем чекор напред во демократските процеси, според мнозинската волја на граѓаните. Избравме нов претседател на Парламентот и во периодот што престои процесите ќе продолжат со формирање на новата реформска Влада, којашто ја очекува домашната и меѓународната демокатска јавност. Сакам јавно да упатам честитка до новиот претседател на Собранието, Талат Џафери и да порачам дека одлучно стоиме зад демократијата во Македонија којашто носи добар живот за граѓаните и вистински евро-атланстки перспективи за државата, рече на денешната прес конференција претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
– Насилството што се случи вчера не е демократска вредност. Насилието врз новото легитимно избрани претставници на граѓаните е поттикнато од Никола Груевски, Ѓорге Иванов, Трајко Велјаноски, Митко Чавков и група нивни соработници, кои ги погодува трансферот на власта што носи правда и одговорност. И тие се подготвени за своите интереси да ги жртвуваат граѓанските и државните интереси. Тоа што се случи синоќа не е резултат на лути поединци. Насилството е резултат на остатоци на режимот во распаѓање што 10 години врши насилство врз Уставот и демократијата во оваа земја. Затоа вчерашниот ден во Парламентот беше тест за Македонија и за сите граѓани, рече Заев.
Заев рече дека не треба да се потпаѓа под провокациите кои имаат цел поделба, раздор и изолација на Македонија и граѓаните да останат мирни и присебни.