Зоран Заев в недела на 21 март ќе ја бара довербата и поддршката од членството на СДСМ, како кандидат за претседател за нов мандат, лидер на партијата. Првпат во македонскиот плуразлизам, како што нагласи тој во денешното обраќање, на директни непосредни внатрепартиски избори, овој врвен чин на внатрепартиската демократија ќе го направи токму СДСМ.

Пред членовите на СДСМ и граѓаните на Северна Македонија, како што рече, ќе го понуди тоа што најдобро го знае, а тоа е да се бори да продолжиме напред и заедно да успееме.

Уште еднаш ги повика членовите на СДСМ в недела да гласаат за новата политика на СДСМ.

Заев инаку, е единствениот кандидат за претседател на СДСМ, кој ја бара довербата за третиот негов мандат за партиски лидер. Првиот мандат го извршуваше од 2013 до 2017 година, вториот од 2017 до мај 2021 кога завршува. Првпат на непосредни, директни каде сите челенови на СДСМ ќе гласаат и ќе се избира претседател на партијата. Заев информира дека Централната изборна комисија и органите на партијата овозможиле да се гласа „за“ и „против“.

Како претседател на СДСМ, Заев најави нова програма и нова политика, пролетна офанзива за нов пресврт во политичкото делување на СДСМ и на Северна Македонија, а доколку ја добие довербата најави и, како што рече, досега најголема политичка акција за нова позитивна промена на начинот на функционирање и менталитетот на политичките партии во нашата земја, почнувајќи токму од СДСМ.

Ова е нова политика на СДСМ за новото време. СДСМ повторно ќе биде прв во промените и повторно ќе биде носител на нова политика со која секој од нас, почнувајќи од мене, ќе даде и повеќе и подобро за граѓаните, за тавковината, за иднината на нашите деца. Дали е можно ново после новото – Да, подготвени сме и ние тоа ќе го покажеме, рече Заев.

Прво, појасни, новата политика значи реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ. Некои многу сработуваат и водат напред, истакна, некои можат многу повеќе, но некои потфрлија.

Единствениот долг што го прифаќам, е долгот кон граѓаните за ефикасна и за доследна испорака на ветеното, и тука е точката на која се темели новиот начин на работа. Тоа не значи откажување од некого, туку одговорност пред граѓаните и секој пред самиот себе. Никој повеќе во СДСМ нема да се кандидира за функција, само за да биде функционер, туку да биде служител на граѓаните. СДСМ постои за граѓаните, ние им служиме на граѓаните, деиден беше Заев.

Најави дека новата политика значи и ангажирање на сите можни капацитети во броба против корупцијата и криминалот. Пораката дека законите важат за сите, посочи, ќе останеше празна флоскула ако не обезбедевме услови, амбиент и механизам за правосудството да почне да работи независно и професионално. Има уште многу работа, истакна Заев, но народот веќе сведочи дека нема веќе недопирливи.

Тој истакна дека е и за национален консензус за главните прашања, против поделби, за заедништво. Затоа смета, дека за најважните прашања треба да застанат заедно со опозицијата, да нема разлики повеќе и несогласувања дали сме за напред или, како што рече, за назад, сите да бидеме за напред, едни локомотива, други вагоните, но сите напред. Смета дека на СДСМ му личи и ќе продолжи да биде локомотива.

Со Заев нема нови политики, туку само нови криминали, тендери, провизии и тонење, реагираше опозициската ВМРО ДПМНЕ.

Колку е Зоран Заев демократ говори фактот што е единствен кандидат за претседател на СДСМ за претстојниот конгрес. Зоран Заев ги елиминираше сите противкандидати низ внатрепартиски местенки и шиканирање, велат од опозициската партија.

Заев ја окупира СДСМ и се пресметува со сите квалитетни кадри. Заев е терет и за СДСМ и на Македонија. Новите политики на Зоран Заев се всушност нов старт за стари практики. Нов криминал, нови тендери, нови местенки и стагнација за државата. И по Заев, Заев, значи дека ќе продолжи праксата на неказнивост и криминал. Продолжува злоупотребата на институциите, партизираноста на судството. Кандидатурата на Заев значи продолжување на хибридниот режим, 111 место на Транспаренси, 118 место во вакцинираност. – стои во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.

OhridNews