Три клучни темели ќе гради новата реформска Влада. Таа ќе биде реформска и ќе биде посветена на економијата и живот за сите, ќе биде посветена на силни професионални институции и правда за сите и ќе биде посветена на Европската унија и НАТО и перспективи за сите, истакна на почетокот од експозето пред пратениците во Собранието мандатарот Зоран Заев.
-Во составувањето на Програмата на новата Влада, се водевме исклучиво од принципите прифатливи за сите граѓани на Република Македонија.
Програмата на новата Влада на Македонија ги содржи принципите на предизборната програма на СДСМ, Планот за живот во Македонија, како и начелата на предизборните програми на партиите кои освоија пратеници во Собранието и кои се дел од новото парламентарно мнозинство, но има и неколку одлични работи од програмите на другите партии и партии кои немаат пратеници. – рече Заев.
Тој најави дека Македонија ќе биде држава за сите граѓани и ќе гради едно општество определено кон Европската унија и НАТО.
-Преземаме обврска целосно да ги имплементираме итните реформски приоритети од Извештајот на Прибе, кои и се дел од Договорот од Пржино.Наша цел е почеток на преговори со Европската унија во најкраток можен рок, наша цел е и членство во НАТО Алијансата во најкраток можен рок. – посочи Заев.
Главен фокус на Програмата на новата Влада е развој на економијата и кревање на животниот стандард на граѓаните, подвлече Заев.
-Наша цел е просечна стапка на раст на економијата повисока од 5 проценти во периодот на мандатот. Минималната плата на работниците, уште во првата година од мандатот законски ќе ја зголемиме на 12.000 денари и ќе се однесува на сите работници, вклучувајки ги и вработените во индустријата за текстил, облека и кожа. Наша цел е 16.000 денари минимална плата за работниците загарантирана со закон, до крајот на мандатот на оваа Влада. Наша цел е до 30.000 денари просечна нето плата во Република Македонија. Приоритет на новата Влада е поддршка на домашните мали и средни препријатија. Ќе создадеме предвидлива и деловна клима без притисоци и репресии. Новата Влада ќе ја зголеми за 100 пати директна државна поддршка за малите и средни препријатија. Во првата година од мандатот, ќе настојуваме таа да изнесува 20 милиони евра. Ќе го поттикнеме извозот на производи од домашни компании. Ќе ги поттикнеме сопствениците на домашните претпријатија да ги прошируваат своите производствени капацитети. – најави Заев.
Мандатарот вети дека Владата, уште во првите 100 дена од мандатот ќе го објави вкупниот износ на сите доспеани обврски на државата и ќе изработи план со јасни рокови за нивно плаќање и ќе работи на враќање на парите кај граѓаните и намалување на трошоците на живот.
-Владата ќе воведе нов систем “Повеќе пари кај граѓаните“. На граѓаните ќе им се враќаат по 15 проценти од платениот ДДВ во фискалните сметки, со исклучок на данокот на луксузни производи. Семејните буџети ќе ги зголемиме и со тоа што ќе бидат намалени повеќе давачки:
-Новата Влада ќе ја врати дневната евтина тарифа на струјата и граѓаните ќе имаат евтина струја цел викенд, а не само во недела.
-Граѓаните кои не користат парно, нема да го плаќаат.
-Ќе воведеме праведно плаќање на јавните давачки: за градинка,комунални такси и други давачки…
Кој има помалку, ќе плаќа помалку, а граѓаните со најнизок доход воопшто нема да ги плаќаат овие давачки.
-Ќе ги намалиме казните
-Новата Влада ќе ја укине радиодифузната такса!
-За секој да може болнички да се лекува, ќе воведеме бесплатно болничко лекување преку укинување на болничката партиципација за сите осигуреници.
-Владата ќе ги намали судските, адвокатските и извршителски трошоци и каматите!
-Новата Влада ќе ги намали за 50 проценти трошоците за комунален надоместок за куќа до 150м2.
-Владата ќе воведе студентска платежна картичка за млади, со попусти за меѓуградски превоз, за спортски и културни настани и други потреби.
-Ќе воведеме енергетски ваучаери за струја и затоплување за најзагрозените граѓани.
-Новата Влада ќе обезбеди гасификација до секој дом со што ќе се намалат до 50 проценти енергетски торошоци за секое семејство.
-За земјоделците, ќе има субвенции за нафта од 30 до 50% и за механизација од 30 до 50%. Граѓаните на кои земјодлеството им е основна дејност нема да плаќаат персонален данок. – вети Заев.
Субвенциите за земјоделците ќе бидат покачени на 160 милиони евра и ќе бидат редовни, рече Заев.
-Ако граѓаните имаат повеќе пари, тие повеќе и ќе трошат и на тој начин ќе се раздвижи економијата. Со растот на економијата новата Влада ќе обезбеди и повисоки плати во јавниот сектор. а да ги задржиме квалитетните лекари во јавното здравство, новата Влада за време на мандатот ќе ги качи платите на специјалистите до 100.000 денари. Двојно ќе бидат зголемени платите на здравствените работници. е обезбедиме и повисоки плати за наставниците. Ќе го укинеме екстерното тестирање, а квалитет на наставата и мотивирани наставници ќе обезбедиме преку награди за наставниците и училиштата, а не казни. – истакна Заев.
Тој рече дека нема да има реваншизми и партиски отпуштања. Се обрза дека ќе создаде ефикасна и професионална администрација.
-Никој да не чувствува страв за работното место. Да не работи под притисок на партиски уцени. Ќе го решиме проблемот со државните службеници кои долго време примаат плата, а не се распоредени на работни места, на тој начин што ќе усвоиме план за нивно итно распоредување на работни места и професионални ангажмани. Една од мерките е и воведување двосменско работење во неколку клучни државни институции, од 08 – 20 часот, што ќе им користи и на самите граѓани, кои повеќе нема да мора да земаат боледувања за да завршат административна обврска.
Клучна цел на Владата во социјалната политика е да ја намали стапката на сиромаштија под 16 проценти во 2020 година. Предвидуваме политики што ќе ги извлекуваат корисниците на социјална парична помош од сиромаштија. Пензиите ќе се усогласуваат според трошоците за живот. – порача Заев, нагласувајќи дека Новата Влада ќе посвети големо внимание да ги мотивира младите да останат да живеат и работат во Македонија.
Една од важните владини политики ќе биде рамномерен регионален развој. До крајот на мандатот ќе стигнеме до целта, еден процент од БДП да оди за рамномерен регионален развој. Тоа е некаде околу 80 милиони евра, појасни Заев.
-Најавив дека освен економијата, приритет на новата Влада е да обезбеди владеење на правото и правда за сите. Новата Влада се обрзува дека ќе создаде услови за независен и ефикасен правосуден систем. Граѓаните заслужуваат независно, чесно и професионално судство и Јавно обвинителство. Затоа, ќе има резибор во судството според познати европски пракси далеку од рацете на политичарите. Ќе формираме специјално одделение во Основниот суд 1, во чијашто надлежност ќе бидат предметите што ги покренува Специјалното јавно обвинителство. Ќе направиме се што е во наша моќ да овозможиме институционално и целосно заокружување на случаите што сега ги води Специјалното јавно обвинителство. Во Програмата обезбедуваме механизми на контрола над следењето на комуникациите. – рече мандатарот Заев.
Во областа на културата тој најави европска политика, а во спортот нов закон, развој на инфраструктурата и туризмот.
– Ова се само некои од предвидените мерки во Програмата на новата реформска Влада со кои сериозно ќе ги стабилизираме животот и егзистенцијата на граѓаните на Македонија. Сето ова секако дека нема да биде завршено во првите 100 дена. Но мора да почнеме и повикувам да го сториме тоа сите заедно. Навистина, нè чекаат сериозни реформи. è чекаат големи предизвици. – реча мандатарот Заев.
Во тек е расправа по експозето на мандатарот, а за новата влада согласно закинот ќе се гласа најдоцна до утре на полноќ.
ОridNews