Извршниот одбор на владејачката СДСМ вечерва заседава во Скопје. Меѓу другото, највисокото партиско раководство вечерва треба да донесе одлука дали ќе има предвремени парламентарни избори заедно со претседателските и вонредните локални во три општини, меѓу кои и во Охрид.

Шансите за тоа веројатно се многу мали, а во таа насока може да се толкува и изјавата на лидерот на СДСМ и премиер Заев дадена непосредно пред почетокот на седницата, во која тој изрази очекување дека сопартијците пред се ќе ја имаат одговорноста пред државата.

Се очекува ИО на СДСМ да разговара и за кандидатот за претседател на државата. Заев не ја исклучи можноста тоа да биде консензуален кандидат, за што, како што најави, ќе се разговара не само со коалициониот партнер ДУИ, туку и со другите партии.

Исто така се очекува социјалдемократите да разговараат и за менување на името на партијата како последица од постигнатиот договор со Грција.

OhridNews