Состојбата со загадувањето во Македонија е алармантна и претставува еден од главните фактори за смртност кај децата, предупредува Детската амбасада „Меѓаши“.
„Според Светска банка, аерозагадувањето во Македонија убива 1.350 луѓе годишно. Децата се најосетливата група, затоа што имаат организам во развој и побрзо дишење, а со тоа и побрзо внесување на загадените материи во телото.Секое второ болно дете минатата година се лекувало од респираторни болести кои најчесто се директна последица на загадениот воздух. Децата се најпогодени, особено во грејната сезона, кога концентрацијата на цврстите честички е зголемена. Децата се најосетливата група на сите загадувања од животната средина „пред сè затоа што имаат организам во развој, затоа што имаат позабрзано дишење и поголема глад за воздух од возрасните и затоа што се немоќни што било да сменат. Значи ги чекаат нашите акции и политики. Така што, бројни се последиците од аерозагадувањето по разни делови на организмот, а кај децата фокусот е врз белодробниот систем“ – вели доктор Драган Ѓоргев од Институтот за јавно здравје.
Од „Меѓаши“ појаснуваат дека децата се почувствителни од возрасните на внатрешно и надворешно загадување на воздухот, бидејќи нивните бели дробови, мозокот и имунолошкиот систем сè уште се развиваат, а нивниот респираторен тракт е попорозен. Исто така, малите деца дишат побрзо од возрасните и вдишуваат повеќе воздух во однос на телесната тежина.
„Истражувањето Прочистете го воздухот заради децата (УНИЦЕФ), укажува дека загадувањето на воздухот е важен фактор за смрт на речиси 600.000 деца помлади од пет години секоја година и е закана за животите и иднината на милиони секој ден. Загадувачите не само што им штетат на детските бели дробови во развој – туку всушност ја преминуваат границата меѓу крвта и мозокот и трајно го оштетуваат детскиот мозок во развој – па така, и детската иднина. Ниту едно општество не смее да си дозволи да го игнорира загадувањето на воздухот.“ – посочуваат од „Меѓаши“ и бараат итно преземање соодветни мерки од надлежните институции за чист воздух.
OhridNews