Паркинг просторот со кој до скоро стопанисуваше јавното претпријатие „Билјанини извори“ од вчера е заграден. Заградувањето го извршил сопственикот на земјиштето, информираат од јавното претпријатие.

– Не успеавме да најдеме заеднички јазик со сопственикот околу цената за годишен закуп по што тој го загради просторот. Ни беше побаран надомест за користење на просторот од 360.000 денари кој сметаме дека е превисок. Се работи за приватен имот и тоа е целата ситуација, ништо повеќе. – ни изјави Гордана Јованоска, директорка на ЈП „Билјанини извори“.

Со заградувањето на некогашниот паркинг простор оневозможен е пристап на НУ  Центар за култура „Григор Прличев“ до товарниот влез, кој се користи за сценографија и растовар на опрема при организација на театарски претстави, концерти и други културни збиднувања. Од устновата велат дека ниту можат да внесуваат нита да изнесуваат опрема, со што се загрозува реализацијата на предвидената програма и најавените гостувања во центарот за култура. За ова тие ги известиле надлежните институции и министерството за култура. 

OhridNews