Ракометарите на Вардар го претрпеа првиот пораз во СЕХА лигата, откако „црвено-црните“ потклекнаа пред составот на Загреб 28-26 (16-11).

Загреб вторпат сезонава е кобен за македонскиот првак Вардар. Хрватскиот шампион изминатиот месец му го нанесе првиот пораз на Вардар во Лигата на шампионите, а сега стана првиот тим во СЕХА лигата кој ги победил „црвено-црните“.

И покрај поразот Вардар е прв на табелата во СЕХА конкуренцијата со 35 бодови од 14 одиграни натпревари, седум повеќе од Загреб кој има и два натпревара помалку.

Вардар одигра лошо прво полувреме и сите обиди во вториот дел да го надомести загубеното беа безуспешни.

„Модрите“ во мечот влегоа по големата победа над Веспрем и доминираа во првиот дел стекнувајќи предност од пет гола 16:11.

Предноста стекната по првите 30 минути Загреб искусно ја одржуваше, Вардар до пристоен пораз стигна во финишот на мечот.

Борозан, Карачиќ и Чупиќ со по четири голови беа најефикасни во тимот на Вардар, додека ППД Загреб го предводеше некогашниот вардарец Марковиќ со седум гола.

OhridNews