Туризмот и угостителството се соочуваат со недостаток на квалитетен кадар, што сериозно се одразува во работата на туристичките капацитети во земјата. Фалат квалификувани работници на секое ниво, а најдефицитарни се келнерите и готвачите.

-Правиме еден голем маркетинг и субвенции за странски туристи чиј број расте, а од друга страна нема кој да зготви и да послужи, пропратнo фалат собарки, рецепционери и друг кадар, но во момоментов како најударен проблем се келнерот и готвачот. – вели Александар Јованоски од туристичкиот кластер ЕДЕН.

Дополнителен проблем на македонскиот туризам претставува и одливот на образован кадар, кој стопанството не може да го задржи.

-Со отворањето на пазарот тие мигрираат таму кадешто се подобро платени и имаат подобри услови за работа. – вели Горан Дамчески – експерт за обука на персонал во угостителски сектор.

Кадарот што го продуцураат образовните институции не е доволен или не соодветствува на реалните потреби предупредуваат туристичките работници. Решението се гледа во неформалното образование, односно преквалификација на работната сила.

-Дообучување на кадри за другите сфери кои не се потребни или се отповеќе, да се преквалификуваат во онаа сфера кадешто се чувствува потреба, односно да се направи едно изедначување помеѓу побарувачката и понудата. – истакна Михајло Мишев, претседател на Еснафот на угостители во Охрид.

 

Според Георги Димитров од тренинг центарот Академик, дообучувањето и континуираниот тренинг се од исклучителна важност затоа што најдобрите светски практики се менуваат од година во година.

-Доволно луѓе има само што тие не се соодветно обучени. Нашиот концепт е во соработка со високата школа за туризам во Луцерн да направиме тренинг центар во Скопје каде ќе се продуцираат обучувачи кои потоа ќе обучуваат кадри за туризмот кои се дефицитарни на пазарот. – рече Димитров.

Проблемот не е ниту во образованието, ниту во кадарот, туку во сезоналноста на македонскиот туризам и нискиот стандард, сметаат од ФТУ во Охрид, кој секоја година продуцира 100-150 менаџери по туризам и угостителство. 

-Потресбни се други содржини за продолжување на туристичката сезона со низа мерки што би резултирало со поголем број вработени, но задоволни вработени, со што би се надминал проблемот којшто го имаме сега. – смета Цветко Андреески, декан на ФТУ Охрид. 

За недостигот од кадар во туризмот и угоститлството деновиве на иницијатива на Свис контакт во Охрид разговараа туристичките работници, експерти и претставници на образовни и државни институции, кои се согласија дека се потребни итни мерки за надминување на проблемот. 

Г.М.