Ова се резултатите кои денес беа презентирани од страна на – Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, чии стоматолози, во рамки на неодамна одржаната петта по ред хуманитарна спортско- рекреативна акција на општинскиот Црвен крст „За посреќно детство“, извршија над 150 прегледи кај деца на возраст од 3 до 15 години.
– Кај 75% од децата кај кои беше извршен преглед беа утврдени случаи на кариес, крварења, лош хигиенски статус. 20% од нив беа со среден индекс на крварење и хигиенски статус,и само 5% со задоволувачки параметри. Основни причини за ваквата појава се нередовното посетување на матичен стоматолог, лошите навики- грицкање моливи, нокти, долг период користење на цуцли, како и предвременото вадење на млечните заби, што доведува до понатамошни аномалии на забите, објаснува д-р Небојша Баткоски од Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“.
Стоматолозите со апел до родителите да посветат поголемо внимание на здравјето на забите на нивните деца и да ги носат на редовни прегледи кај матичните стоматолози уште од најрана возраст.
И психолозите со загрижувачки заклучоци по одржувањето на акцијата „За посреќно детство“. Младите охриѓанки, најголем интерес покажале за убавиот изглед, средувањето на фризурата, шминкањето и средувањето нокти. Поставениот штанд за надворешен изглед, привлекол многу повеќе внимание кај младите од 7 до 12 години, отколку било кој друг од поставените штандови на охридските занаетчии, меѓу кои и за изработка на резба или свеќи.
– Загрижува податокот што деца кои сеуште не се во фаза на пубертет пројавуваат толку голем интерес за својот изглед. Сметам дека најмногу треба да се обрне внимание на домашното воспитување. Препорака до родителите е да обратат повеќе внимание и да им укажат на децата за значењето на моралните и етички вредности, кои се многу поважни отколку надворешниот изглед, вели дипломираниот психолог, Александра Џуклеска.
Како што информираа од општинскиот Црвен крст, во рамки на акцијата „За посреќно детство“, со продажба на талони биле собрани 18.000 денари кои ќе бидат наменети за потребите на ранливите категории граѓани од Охрид и Дебрца.