Селекцијата на Финска имаше деби од соништата на Европските првенства, победувајќи ја Данска со минимални 1-0, на стартот од возбудувањата во Групата Б.

Победата на Финска падна во сенка на хаотичната ситуација со среќен крај поврзана со Кристијан Ериксен. Фудбалерот на Данска колабираше во финишот од првиот дел, а благодарание на брзата интервенција на соиграчите и лекарите, Ериксен преживеа и во стабилна состојба беше пренесен во болница.

После враќањето на данските играчи на теренот, финските репрезентативци ги пречекаа со аплауз како знак на поддршка за Ериксен и за нивната храброст.

20:13 часот: Мечот ќе продолжи, данските фудбалери барале потврда дека Ериксен е стабилен

Прекинатиот натпревар помеѓу Данска и Финска ќе се доигра од моментот кога беше прекинат, односно од 42-та минута.

Фудбалерите на Данска барале потврда дека Кристијан Ериксен е стабилен и оти се извлекол од најлошото сценарио.

20:03 часот: Ериксен е контактибилен, УЕФА свика кризен штаб

Кристијан Ериксен е свесен и контактибилен. Разговарал со сопругата која беше на стадион и татко му кој веднаш пристигнал на клиника.

Информацијата ја потврди агентот на Ериксен, Мартин Штос, кој исто така бил на стадион.

УЕФА во 19:45 часот свика кризен штаб на кој ќе присуствуваат претставници од европската куќа на фудбалот и двете селекции, по што ќе се донесе конечна одлука околу прекинатиот натпревар.

19:27 часот: Ериксен во свесна состојба префрлен во болница

Лекарите имаа успешна мисија, спасувајќи му го животот на Кристијан Ериксен, кој колабираше во текот на мечот Данска – Финска, во рамките од Европското првенство во фудбал.

Како што пренесуваат медиумите кои се наоѓаат на „Паркен“ стадионот во Данска, Ериксен се освестил и во стабилна состојба ќе биде пренесен на болница.

Данецот наеднаш падна на теренот, губејќи ја свеста. Сите се држеа за главата, а поради сериозноста на ситуацијата мечот беше прекинат и фудбалерите беа испратени во соблекувалните.

Загрижувачки сцени на „Паркен“: Ериксен колабираше, лекарите се борат за неговиот живот

19:05 часот: Загрижувачки сцени доаѓаат од „Паркен“ стадионот во Копенхаген, откако фудбалерот на Данска Кристијан Ериксен колабираше на терен во текот на првото полувреме.

Лекарите од двата табори и дополнително од првата помош водат голема битка за животот на Ериксен. Фудбалерот кој настапува за Интер изненадно падна на теренот кога топката од аут беше упатена кон него.

Натпреварот Данска – Финска е прекинат, а наскоро ќе има информација дали ќе се доигра натпреварот.

OhridNews