Во текот на јануари и февруари оваа година, на подрачјето на Охрид случени се вкупно 13 казнени дела поврзани со семејното насилство и евидентирани се вкупно 13 сторители на казнените дела, сите биле од машки род и исто толку жртви од различна полова структура. Во 2017 година, СВР Охрид евидентира за 11 проценти помалку извршени казнени дела поврзани со семејното насилство споредбено со 2016 година. Имено, во 2017 година, регистрирани се 63(71) казнено дело а службата поднесла 61 (68) кривични пријави против 61 (74) лица, велат од полицијата.

-Од вкупниот број регистрирани казнени дела поврзани со семејното насилство, најбројни се „загрозување на сигурноста“ вкупно сторени 37(42) казнени дела. Следуваат „телесна повреда“ со евидентирани 24 (27) дела, 02 казнени дела „против правно лишување од слобода“, едно дело „присилба“, едно дело „убиство во обид“ и.т.н. Според начинот на извршување, 60 КД се извршени со физичка сила или закана и 3 КД се извршени со ладно оружје, додека во моментот на извршување 52 лица биле под психичко растројство, 08 лица под дејство на алкохол и 01 лице под дејство на дрога. Во истиот период, регистрирани се 11 (02) прекршоци и тоа: физички напад, учество во тепачка, и карање и викање. Најчесто причина за сторувањето на овие дела е нервно растројство, алкохол, нарушени брачни и меѓучовечки односи, расправии и закани, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски. 

Тој додава дека СВР Охрид, сите пријавени случаи на семејно насилство ги решава во координација со Јавниот обвинител и надлежните служби од Центарот за социјални работи, веднаш упатува полициски службеници на местото на настанот и ги презема неоходните законски овластувања.

-СВР Охрид, крајно професионално продолжува да работи на решавање на овие казнени дела но и превентивно, во соработка со невладини организации, да делува кон намалување и сузбивање на овој вид криминалитет. – вели Димовски.

OhridNews