Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, изјави дека Бугарија со признавањето на македонската држава, го признава и македонскиот јазик согласно Уставот на Република Македонија, пренесува „Макфакс“. 

„За јазикот не гледам каков е спорот. Така како што е потпишана декларацијата, така е и предлогот. Македонски јазик согласно Уставот на Македонија“, рече Захариева.

На ова, новинарот ја запраша: „Тоа значи дека го признаваме македонскиот јазик?“

Захариева одговори:

„Македонскиот јазик е согласно нивниот Устав, а ние ја имаме признаено македонската држава што значи дека го признаваме и нејзиниот Устав“, изјави Захариева во интервју за бугарската национална телевизија БТВ, додавајќи дека никој не ја негира историјата на Македонија, ниту на Бугарија.

Захариева изјави дека посетата на високо ниво на премиерот Зоран Заев и на македонските министри претставува затоплување на односите со Бугарија.

Таа рече дека последната посета на македонски премиер во Софија била во 2013 година и траела 50 минути.

OhridNews
извор: „Макфакс“