Шефот на стручниот штаб на ФК Металург, Срѓан Захариевски рече дека младиот тим на металурзите извлекол поуки од првиот меч во Никозија, во кој Металург загуби со 0-3.

– Детално ја анализирав снимката од првиот меч и ги воочив грешките. На овој дуел верувам дека ќе ги исправиме истите и дека ќе одиграме на повисоко ниво. Немаме странски играчи и голем буџет како Омонија, но имаме млад тим и момчиња кои сакаат да се докажат и се борат во сите 90 минути. Уверен сум дека играчите ќе дадат сѐ од себе во реваншот , но и да не победиме, за мене најважно ќе биде да го дадат она што ќе го побарам од нив, да одиграат со срце и храбро, а резултатот во крајна смисла не е толку важен, со оглед дека имаме голема негатива од првиот меч – истакна Захариевски.

Тренерот на Омонија, Костас Каифа, вели дека за пласман во следната рунда во Лига Европа, ќе мора да се одигра добро и на реваншот утре.

– Често сме биле сведоци и на испаѓање на тимови од вакви натпреварувања и со поголема предност во првиот меч. Оттука и нема опуштање за нас во овој дуел. Мораме максимално професионално да одиграме како да немаме предност. Имаме поквалитетен тим, но тоа ќе мораме да го докажеме на дуелот утре. Временските услови малку се лоши, но тоа нема да ни смета за да одиграме добар меч – изјави кипарскиот стратег.

Захариевски охрабрен од одличната игра и победа во дерби мечот против Работнички во 1. коло од македонскиот шампионат, најави мали рокади во составот во однос на оној кој настапи на првиот меч во Никозија.

“Нова Македонија“