Нов термин одреден за одржување на јавната расправа по Нацрт на Закон за прогласување на Студенчишко блато за парк за природата. Како што информираат од Министертвото за животна средина и просторно планирање истата се планира да се одржи на ден 23.02.2022 година со почеток во 12 часот во Големата сала во општинската зграда во Охрид.

Во месец септември минатата година јавната расправа беше прекината и одложена со цел како што тогаш информираа од Општина Охрид да им се излезе во пресрет на граѓаните, односно предвидената расправа наместо on line да се реализира со физичко присуство на сите претставници од институциите и експертите надлежни за носењето на Законот.

Граѓани и сите засегнати кои дојдоа да учествуваат во јавната расправа, уште на почетокот на расправата ја напуштија салата со образложение дека немало услови за одржување на истата, ниту да се слуша on-line расправата, ниту да се дискутира. Претставник на повеќето сопственици на имоти во Студенчишко блато, тогаш рече дека потегот на изготвувачот бил избрзан и самото тоа што тие барале одлагање кое не било прифатено, водело кон тоа дека на мала врата се сака да се протурка нешто.

Од Министерството за животна средина, пак, тогаш рекоа дека во интерес на засегнатите страни, можеби и подобро решение е што јавната расправа се одложи сега за сега.

Инаку, Министерството за животна средина и просторно планирање започна постапка за донесување на Нацрт на Закон за прогласување на Студенчишко Блато за парк за природата.

Додека трае постапката за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природата, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, согласно Законот за заштита на природата, донесе Решение за негова привремена заштита. Привремената заштита на подрачјето ќе се применува до денот на влегувањето во сила на Законот со кој ќе се прогласи Студенчишко Блато за заштитено подрачје, а кој е во завршна фаза на изработка. Во меѓувреме, Студенчишко Блато е прогласено за водно живалиште од меѓународна важност според Рамсарската Конвенција.

Согласно Решението за привремена заштита на Студенчишко Блато, за времетраењето на привремената заштита на подрачјето нема да се спроведуваат активности од постоечкиот ГУП на градот Охрид во делот на Урбана Заедница – УЗ 17, Урбан блок – У.Б 17.1, како и изработка и донесување на урбанистички планови и урбанистички проекти, урбанистички проекти за партерно уредување на просторот, спроведување на постапкa за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, спроведување на постапка за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште, одлагање на шут и комунален отпад, употреба на хемиски заштитни средства и минерални ѓубрива за земјоделски активности, доделување на нови или продолжување на постоечките концесии согласно прописите за концесии и јавно приватно партнерство, прописите заградежно земјиште, како и прописите од областа на лов и риболов и проширување или изградба на нови патишта.

Н.С.Ј.