Основниот суд Скопје 1 закажа судење на 28 ноември за случајот во кој е обвинет поранешниот шеф на Петтата управа, Горан Грујевски и уште шестмина вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање за уништување списи за работата на системите за следење на комуникациите на 28 ноември оваа година, јавува „Макфакс“.

Ова судење, ако не се земе во предвид случајот „Пуч“ којшто го презеде СЈО од Републичкот јавно обвинителство, е прво судење закажано за некој од случаите на СЈО, кое досега има поднесено две обвиненија.

Судењето е закажано откако и Апелациониот суд го одби барањето на СЈО да биде изземена судијката Лидија Петровска која ќе го работи овој случај.

Специјалното јавно обвинителство бараше изземање на судијката Петровска, бидејќи нејзиното име се споменува во прислушуваните разговори коишто ги објави опозицијата.
Името на Лидија Петровска беше спомената во разговор меѓу судијката Софија Лаличиќ и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. Во разговорот Мијалков ѝ соопштува на Лаличиќ дека е избрана за судијка и ѝ кажува дека освен неа за судијка е избрана и Петровска.

Лаличиќ е незадоволна од изборот и коментира дека Петровска била унапредна бидејќи ѝ купувала скапи подароци од брендот „Сваровски“ на сегашната претседателка на Врховниот суд, која претходно беше претседател на Кривичниот суд.

Специјалното јавно обвинителство во петокот пповторно ги достави доказите од Обинението до Основниот суд Скопје 1, а како што информираа во четвртокот доказите нема да ги декласифицираат, како што бара судијката, бидејќи нема законски пречки судот да прими вакви информации и дека актот на декласификацијата би можело да има штетни последици.Во дописот е појаснето и дека во конкретниот случај не е барана декласификација на доказите, поради фактот што со декласификација предложените докази би добиле третман на информација до која се има слободен пристап, со оглед дека се работи за докази кои се поврзани со внатрешната организација и правилата на работење на Управата за безбедност и контраразузнавање и Министерството за внатрешни работи, со актот на декласификација би можеле да настанат штетни последици.

СЈО минатиот четврток по една година ги поднесе првите две обвиненија, едното за вработените во УБК, а второто против поранешниот премиер, Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески кои се товарат за поттикнување на насилство во протестите во општина Центар пред неколку години. Освен нив, уште три други лица се обвинети за истото дело, а девет лица се товарат дека се извршители на насилство. Овој случај ќе го работи судијката Татјана Михајлова која ќе треба да му суди на поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Таа беше истражна судијка во случајот „Ликвидација“ и му одреди притвор на новинарот Томислав Кежаровски кој беше осуден во овој случај за откривање на идентитет на заштитенм сведок.Овие случаи се работат по скратена постапка и за овие дела е предвидена парична казна или казна затвор од најмногу пет години.

OhridNews
извор: „Макфакс“