Лисици и понатаму слободно се шетаат во стариот дел од градот, а за граѓаните останува и понатаму нејасно кој е надлежен за решавање на овој проблем.
Од локалната се оградуваат од преземањето на било какви активности, од Агенцијата за храна и ветеринарство потенцираат дека од нивна страна се интервенира само долку треба да се земат мостри со цел да се испита дали станува збор за животно заразено од некоја болест. Од Одделението за ловство при подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објаснуваат дека не можат да интервенираат во населено место, освен во ловни подрачја кои се под нивна концесија.
Во законот за здравствена заштита и благосостојба на животните, јасно е наведено дека обврска на локалната самоуправа е да се грижи за здравствената состојба на животните на територијата на општината. Согласно тоа, надлежна за решавање на проблемот со лисиците кои освен во стариот дел од градот можат да се забележат и во други делови од Охрид, е локалната самоуправа.
И додека граѓаните чекаат да се реши проблемот , епидемиолозите предупредуваат дека лисиците се најголемите пренесувачи на беснило, односно дека можат да заразат домашни животни преку кои беснилото може да се пренесе и на луѓето.
OhridNews