Здруженијата за заштита на животните од земјава, меѓу кои и охридското „Анималиа“, деновиве започнаа со масовна кампања против новиот предлог-закон за заштита и благосостојба на животните, кој утре ќе се најде на прво читање во македонското Собрание.

Новите амандмански промени предвидуваат еутаназија на бездомни животни и усмртување на кучињата кои каснале човек или животно.

Предлог-законот за заштита и благосостојба на животните кој е доставен до Собранието не е истиот кој нам ни беше проследен за да дадеме анализа и коментари. Од тие причини, повторно доставуваме наше мислење, коментари и корегирани предлог амандмански промени на Предлог-законот. Пред истиот да биде усвоен, се обраќаме како репрезенти на голема група македонски граѓани кои се борат, залагаат и говорат во име на милиони чувствителни и интелигентни битија кои за себе сами не можат да се изборат – а тоа се животните. Веруваме дека во борбата за хуманост сме сите едногласни и на иста страна. Затоа ја бараме вашата поддршка, поддршката на институциите и пратениците во Собранието на Р. Македонија кои ќе одлучуваат за судбините на животните.“ – реагираат македонските здруженија за заштита на животните.

Можност за еутаназија на бездомните животни?

Здруженијата најжестокот реагираат на членот 28 од Законот, кој во конечниот предлог законски текст, не ја забранува еутаназијата на бездомни животни.

Повлекувањето на забраната за еутаназија значи  давање можност за произволно, нехумано и масовно усмртување на бездомните животни во Македонија, нешто за што со години има реакции и критики на македонската и меѓународната јавност и институции, вклучително и на претставниците од Европскиот Парламент. Усмртувањето освен што е нехумано, не дава никакви резултати во намалувањето на бројката бездомни животни. Од овие причини бараме да се забрани еутаназија на кучињата како механизам за надминување на проблемот со прекубројноста на бездомните кучиња , како што првично предложи  и Агенцијата за храна и ветеринарство, во рамки на Нацрт Законот за заштита и благосостојба.“ – реагираат од „Анима Мунди“.

Усмртување на кучињата кои каснале човек или животно

Голем број љубители на животни сметаат дека агресијата кај милениците е поттикната од страна на самите сопственици, кај кои треба да се бара вината за таквото однесување.

За радикален и неприфатлив го сметаме и членот 32 со кој се предвидува усмртување на кучињата кои каснале човек или животно. Посочуваме дека животните агресијата ја стекнуваат кога се стимулирани од своите сопственици или како резултат на траума. За таквото однесување  вината треба да се бара и најде во сопствениците, а не во животните. Ние би искажале поддршка да се воведат најстроги казни за сите оние кои поттикнуваат агресија кон животните или практикуваат неодговорно сопствеништво, како и забрани таквите лица понатаму да чуваат кучиња.“ – сметаат активистите за заштита на животните од земјава..

Експериментални постапки врз бездомните животни?

Македонските здруженија очекуваат дека Законот за заштита и благосостојба на животните во ниту еден случај нема да ја прошири можноста за вршење експерименти врз животни, врз кои тоа не било претходно дозволено.

Би било скандалозно воведувањето на можноста експериментални постапки да можат да се изведуваат врз бездомните животни, или животните кои припаѓаат на видови домашни животни; човеколиките и нечовеколиките примати, животни земени во дивината и во сите оние случаи кога постои меѓународно потврден алтернативен метод. Од тие причини, очекуваме дека Законот за заштита ќе ги забрани експерименталните постапки во сите оние случаи кога постои алтернатива и дека ќе поттике развој на  алтернативни методи кои нема да вклучуваат насилство врз животните.“ – потенцираат здруженијата од земјава.

О.Т.