Законот за легализација на дивоградбите, што беше донесен деновиве, ќе придонесе да се реши овој децениски проблем беше истакнато на  советувањето за новите закони од областа на урбанизмот и комуналните дејности што се одржува во Охрид.

Придобивките од законот за легализација на дивоградбите на советувањето на кое учествуваат градоначаници и претставници на администрации од 85-те општини во Република Македонија, ги елаборираше министерот за транспорт и врск

– Тука сме за да ги дообјасниме новите закони, процедури, пред се Законот за легализација на дивоградбите, со цел од 4 март да може граѓаните да почнат со аплицирање на барањата за легализација. Нашата цел е ефикасно спроведување токму на законот за легализација, истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Во врска со легализацијата на дивоградбите во строго заштитените подрачја, како што е старото градско јадро на Охрид, министерот Јанакиески појасни дека во тие случаи процесот на легализација ќе се спроведува по соодветна консултација со надлежните институции.

– Релевантните институции ќе треба да се произнесат дали воопшто може да се легализира одреден објект на таков вид земјиште, истакна Јанакиески

Министерот за транспорт појасни дека има одредени новини во начинот како да се забрза процесот на донесување на деталните урбанистички планови, што денеска ќе го промовира пред учесниците на советувањето.

– Законот за градежно земјиште веќе е на сила, претстои уште општините да обезбедат соодветни кадри и административни капацитети за негово имплементирање, истакна Јанакиески појаснувајќи дека согласно акцискиот план, од април почнува обука на кадри за управување со градежно земјиште што, според него, е основен предуслов општините да управуваат со градежното земјиште.

Според потпретседателот на ЗЕЛС, Изет Меџити новите закони од областа на урбанизмот се добра основа за префрлање на ингеренциите од централно на локално ниво и овозможување подобар сервис за граѓаните, но истовремено и финансиско зајакнување на локалните администрации.

– Со ова се исполнувааат заложбите на ЗЕЛС, еднаш засекогаш да се реши проблемот со дивоградбите, додаде Меџити.

Градоначалникот на Велес, Горан Петров посочи на реалниот проблем што се јавува при легализиацијата, односно недоволната инфраструктурна опременост на цели населби, за што во иднина ќе бидат потребни големи финансиски средства.

Забелешки има и градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимоски, посочувајќи ги, како што рече, недоследностите во врска со прецизирањето на тоа кои градби ќе можат да се легализираат со новиот закон што  според него, во новите законски одредби не е концизно дефинирано.

OhridNews