Советот на општина Охрид на една од последните седници го изгласа Ценовникот за одржување на гробиштата на ЈП „Гробишта“, со кој се предвидува задолжителна давачка за одржување на јавна чистота, која ќе се наплаќа по гробно место. Оваа одлука стапи на сила на 1 јануари 2011 година и предвидува надоместок од 100 денари месечно, односно согласно законот, граѓаните ќе треба да платат 1200 денари годишен надоместок за одржување на јавната чистота на гробиштата.

Сашо Алче, в.д. директор на Ј.П. „Охридски Комуналец’, објаснува дека ваква одлука Советот на општина Охрид морал да донесе, затоа што на тоа го обврзува новиот Закон за гробишта што го донесе централната власт, во кој како задолжителна давачка се наметнува месечен надоместок во висина од 100 денари за одржување на јавна чистота, по гробно место.

– Комуналец во минатото имаше одлука за доброволно одржување на гробиштата, но сега бидејќи законот е донесен и не може да се менува, оваа обврска станува задолжителна за граѓаните, вели Алче.

Тој објаснува дека ценовникот на услуги на Ј.П. „Гробишта“ морал да биде донесен за да не се прекрши законот, но тоа не значи дека во иднина не може да се изврши корекција на цената на надоместокот за одржување на гробиштата.

-Таа можеби е висока и затоа Советот на општина Охрид донесе одлука Управниот одбор на „Комуналец“ веднаш да ја разгледа висината на надоместокот и на наредната седница на УО да излезе со заклучок и мислење дали таа цена треба да се намали или да се зголеми.-посочи Алче.

OhridNews