Предлагач на законот е Министерството за култура.
– Причина повеќе за донесување на законот претставува и потребата за официјализирање на протекторскиот статус на Старото градско јадро на Охрид, изразен преку неговата категоризација заради вредностите што ги има, со што се определува степенот на значење на културното наследство од јавен интерес во функција на пропишување на соодветен режим на заштита, утврдување на приоритетите во заштитата, разграничување на надлежностите и примена на ратификуваните меѓународни договори, се вели меѓу другото во предлог текстот на Законот за Охрид.
Со овој закон ќе се редефинираат вредностите и границите на Старото градско јадро на Охрид како заштитена споменичка целина, вклучувајќи го и определувањето на контактните зони.
Охрид спаѓа во редот на ретките балкански градови, како што се Солун, Воден и Дирахион, кои континуирано живееле од праисториските времиња, преку античкиот и доцноантичкиот период, раното христијанство, раниот и развиениот среден век, османлискиот период, па сè до денес – во периодот од IV век пр. н.е. до XXI век. Богатата материјална и духовна култура на Охрид, градот го става на пиедестал меѓу најзначајните споменици во светот. Тоа е оцена и на УНЕСКО, кој во 1979 и 1980 година, го става на листата на природно и културно светско наследство.