Законот за туристички развојни зони, кој е во собраниска процедура, според пратениците од владејачката ВМРО ДПМНЕ, ќе придонесе за развој на туризмот во земјата и ќе ги направи туристичките места конкурентни на светскиот пазар, бидејќи сега тие, вклучително и Охрид, не се на врвнaта листа на популарни дестинации. Според нив законот не ги крати правата на локалните самоуправи, напротив тие ќе имаат најголема корист бидејќи 80 проценти од средствата од продажбата на државното земјиште за изградба на туристички зони ќе ги инкасираат општините, каде ќе се влеат и средства од комуналии, даноци и туристички такси.
– Идеата е да се формира национална туристичка агенција која ќе се занимава со проеките од областа на туризмот во цела држава, да не може да се блокираат тие процеси од локалните самоуправи, и да не може општина Охрид да носи одлука со која се утврдува цена за изградба на хотел од 90.000 денари за метар квадратен, што е нереална сума. Ќе го туркаме законот кој е пред финално усвојување и ние сме цврсто решени да го изгласаме, изјави Александар Николоски – пратеник од ВМРО ДПМНЕ.
Според пратениците од опозицијата, вака како што е предложен, законот го суспендира процеост на децнтрализација, како и законите за градежно земјиште и за урбанистичко планирање, бидејќи на Агенцијата за туризам и се даваат надлежности без согласност на општините на нејзин предлог владата да прогласи туристичка развојна зона и да ја спроведе продажбата.
-Агенцијата сето тоа може да го прави во четири очи по цена од по 1 евро, и може на предлог на Агенцијата за туризам целото охридско крајбрежје владата да го прогласи за туристичка развојна зона и да го продаде без влијание на локалната сампоуправа, изјави Митре Велјаноски пратеник од СДСМ.
Законот е неприфатлив и за локалната самоуправа.
-На овој начин се сака да се заобиколи Советот на општината и градоначалникот, да не важат одлуките на советот и законите во Република Македонија, истакна градоначалникот на Охрид Александар Петрески.
Законот за туристички развојни зони веќе извесен период чека на второ читање во Комисијата за економија. Истиот ќе биде донесен тврдат пратениците од власта. Опозцијата, пак, смета дека законот нема поддршка ниту во владејачката коалиција, и најавува дека таа нема да гласа за него доколку не се прифатат 40-ната амандмани за измени на Законот за туристички развојни зони подготвени од пратениците на СДСМ.