По вчерашното потпишување на Законот за употреба на јазиците од страна на претседателот на собранието Талат Џафери, законот е објавен во Службен весник.

Џафери го потпиша законот, откако  претседателот Ѓорѓе Иванов одби да го потпише и по второто гласање, кое се случи во март минатата година.

„Објавувањето на Законот за употреба на јазиците во Службен весник е уставно, зашто никој не смее да го попречува Собранието. Член 51 став 2 од Уставот вели дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Член 52 вели дека законите се објавуваат во Службен весник. Зошто господинот Иванов не го потпишал Законот за јазиците и зошто одлучил да ја попречува работата на Собранието, прашајте го него”, изјави претседателот на Собранието Талат Џафери.

По ваквиот чекор следуваат бројни реакции од еминентни професори по право, но и од ВМРО ДПМНЕ од каде тврдат дека објавувањето на законот за јазици во Службен весник без потпис на претседателот на државата е кривично дело, за што сите инволвирани треба да сносат одговорност за насилното кршење на законите, процедурите и уставноста при носење на истите закони.

,, Веднаш по промената на името, Владата на СДСМ на незаконски и насилен начин ја прави Република Македонија двојазична држава. Ова е само уште еден груб и провиден обид на Власта на СДСМ преку носење несуштински работи за албанците, да им се додвори на целиот албански електорат во пресрет на претседателските избори и да ги изманипулира албанските гласови, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Според законот, покрај македонскиот, во институциите службен јазик станува и албанскиот јазик, што ќе се применува во комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт. Законот ги обврзува судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции да овозможат користење, употреба и примена на кој било од службените јазици и нивните писма во своите постапки.

OhridNews