Законот за заштита од пушење во Охрид се применува селективно, тврдат дел од угостителите кои сакаат да останат анонимни. Според нив јавна тајна е дека во одредени угостителски објекти во Охрид, пушењето е дозволено и дека ваквото самоволие, што произведува нелојална конкуренција, не се санкционира.

– Како директен учесник во угостителската работа во овој град бев фрапиран од коментарите на моите гости на кои не им беше дозволено да се пуши во мојот објект поради законската одредба за забрана на пушење на јавни места, дека во многу објекти во градот пушењето се практикува без никој да сноси одговорност. Заради тоа без да посочувам и кодошам свои колеги и конкуренти би ги замолил овластените субјекти од областа надлежна за гореспоменатиот закон да излезат на терен и вистински (ама вистински) или да го спроведат законот на дело ,или ако не се во можност поради одредени моќници кои ги штитат некои угостителски објекти во градот, јавно да излезат и да кажат дека законот за забрана за пушење на јавни места не може да се спроведе подеднакво за сите, вели незадоволен угостител во отвореното писмо испратено до OhridNews.

Тој најави дека доколку  не се преземат вистински мерки за посочениот проблем ќе го открие својот идентитет и јавно ќе наброи примери на кршење на законот за заштита од пушење.  

OhridNews