Законската обврска и казнената мерка кои се предвидени со новите измени на Законот за безбедност во сообраќајот ги натераа охриѓани да купуваат и да користат специјализирани автомобилски седишта во кои ги превезуваат своите деца.
Иако родителите кои имаат две или повеќе мали деца треба да се изложат на дополнителни трошоци, најголемиот дел од нив ја поддржуваат оваа мерка.
–Имам две дечиња, едното има 4 години, а другото има 2 години. Кога се возевме во автомобил, пред донесување на измените во законот, дечињата најчесто ги превезував на автомобилското седиште или седнати во мојот скут. Бидејќи често патуваме, од пред неколку недели им набавивме автомобилски седишта. Иако тоа беше значителен дополнителен трошок за нашиот домашен буџет, сметам дека сега децата се превезуваат многу побезбедно особено кога патуваме на долги релации или без мојот сопруг, вели млада мајка од Охрид.
Дека охриѓани започна да обрануваат поголемо внимание на безбедното превезување на децата во автомобилите потврдуваат и охридски трговци кои продаваат бебешки реквизити.
-Откога стапи на сила новата законска обврска зголемен е интересот за автомобилските седишта и транспортерите за бебиња кои имаат можност да се прицврстат за автомобилското седиште. На лагер имаме различни видови на седишта за деца. Цените на седиштата се движат од околу 3.000 до над 6.000 денари и истите зависат од големината на седиштето, квалитетот и неговиот производител. Најбарани се секако детските седишта со попристапни цени, велат од неколку охридски продавници кои продаваат бебешка и детска опрема.
Според измените во Законот за безбедноста во сообраќајот на патиштата во Република Македонија во патнички автомобил на задното седиште, смее да се превезува дете помало од пет години, во поставено посебно детско седиште кое за седиштето од возилото е прицврстено со сигурносен појас или на друг соодветен начин. Во спротивно предвидена е глоба од 35 евра во денарска противвредност односно регистрирање на 15 негативни поени.
За посоодветно користење и поставување на детските седишта во автомобилите, АМСМ објави прирачник за детски седишта кој може да се погледне на нивната веб страница.
-Кога е во прашање сообраќајната безбедност на вашето дете, користењето на детското седиште несмее да биде предмет на компромис, па дури и кога станува збор за многу кратки релации. Затоа, задолжителното користење на детското седиште за автомобил нека биде едно од оние правила кои никогаш и под никакви услови нема да ги прекршите и од нив да отстапите, пишува во прирачникот. Во него е посветено внимание на правилниот начин на поставување на седиштата, а има и совети за правилен избор на соодветно детско седиште.
Инаку според Светската здравствена организација (СЗО) седиштата за бебиња и за деца во автомобилите, во случај на сообраќајна несреќа може да ја намалат смртноста на новороденчиња за 70 отсто, а на малите деца меѓу 54 и 80 отсто.
Е.М