Поголема ангажираност на инспекциските служби, нивно неселективно работење и решавање на проблемот со нелојалната конкуренција, се меѓу основните барања на приватните станоиздавачи, туристички агенции, хотели, туристички водичи. Тие очекуваат ваквите барања да бидат вклучени во најавените измени на законот за угостителска и туристичка дејност и законот за туристичка такса, поради кои денес беа одржани јавни расправи на кои присуствуваа претставници од министерството за економија и од локалната самоуправа.

Како приватни станоиздавачи од Пештани се соочуваме со повеќе проблеми меѓу кои е и лошата патна инфраструктура. Голем проблем се нелегалните станоиздавачи, имаат куќи, не истакнуваат табли, не плаќаат такса, а сместуваат гости. До кога ќе трае беззаконието во однос на инспекциските служби? Тие не ја вршат добро својата работа и имаат селективен пристап. Наместо парите да одат во општинската каса, завршуваат во приватни џебови, вели Томислав Бакулески, приватен станоиздавач од Пештани.

Нелојалната конкуренција е голем проблем и за туристичките агенции.

Да се зголеми инспекцискиот надзор. Постојат отворени агенции кои функционираат од дома, без деловен простор, вработени, не плаќаат давачки, со што се оштетени сите агенции кои работат согласно законот. Од наша страна не се согласуваме и со дел од наведените измени околу осигурувањето на туристичките аранжмани. Предложениот износ е навистина голем, особено за агенциите кои не се во Скопје. Постои мислење дека со тоа се прави монопол од одредени агенции кои се бројат на рака, да можат да ги остварат овие барања, а потоа сите агенции да зависат од нив, смета Јаким Маленко од ТА Вис Пој.

Денешните јавни расправи се со цел хотелиерите, приватните станоиздавачи и туристички водичи да го кажат своето мислење за предложените измени на законот за туристичка и угостителска дејност и законот за туристичка такса.

Да ги слушнеме предлозите, размислувањата на вклучените страни околу измените. ХОТАМ има испратено околу 26 предлози од кои дел се во категоријата ургентни, од кои дел се однесуваат токму на контролните механизми, односно работењето на инспекциските служби. Сите предлози се прифатливи доколку имаат позитивен инпакт врз развојот и подобрувањето на дејноста, вели Шефхет Хазари од Министерство за економија.

Откако ќе се подготват заклучоците тие ќе бидат доставени до владата, се до формирање на предлог закон кој понатаму треба да влезе во собраниска процедура.

OhridNews