Нема кустос односно лице кое може да им пренесе информации, да ја раскаже историјата на поситителите во музејот на вода Залив на коските кај Градиште. Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски реагира во најкус можен рок да се ангажира лице. Директорката на НУ Завод и музеј Охрид, Катерина Ристеска Велкоска вели треба да се вработи лице, но еден кустос не може да ги задоволи потребите на туристите со оглед на посетеноста, но затоа има и табла со QR код кој содржи информации за локалитетот и посетителите можат истиот да го користат.
Најпосетуван еко-музеј во Македонија кој и денес беше преполн со туристи. Утрово платена карта за домашни туристи 120 и странски 150 денари. Ми беше кажано дека нема кој да ни објасни бидејки кустосот или задолжениот си дал оставка и присуствувам на слика каде сите сами на себе се препуштени да се сликаат и читаат оскудни информации. Веднаш да се ангажира лице кое ќе ја раскажува историјата на наколната населба и животот во тоа време со артефактите во музејот, вели Јаневски во објавата на фесбук профилот.
Директорката на НУ Завод и музеј Охрид, Катерина Ристеска Велкоска, вели дека точно е дека нема кустос односно вработено лице како водич, но се планира во скоро време да се вработи.
Сега и со намалувањето на бројот на вработени со заминувањето во пензија и со Законот на крајот на јуни месец, се намали бројот на вработени и во основната дејност. Во Заливот на коските имаме билетопродавачи и продавачи на сувенири. Кустос вработен немаме. Веќе подолг период нема кустос, имавме претходно вработен кустос со договор на дело, но од лични причини си замина. Планираме во скоро време да се вработи. Во однос на локалитетите Залив на коските и Самуилова тврдина имаме табла со QR код преку кој можат посетителите со смарт телефоните да го скенираат истиот и да добијат информации за локалитетот. На некој начин информативно тука сме покриени. И да имавме еден кустос или водич тешко ќе може да објасни на сите со оглед на големата посетеноста. Со претходно договорени односно најавени гости ние од нашата институција некого можеме да ангажираме, вели Ристеска Велкоска.
Додава дека на Самуилова тврдина, исто така нема кустос, има само еден билетопродавач и лице за одржување, додека во Куќа на Робевци има кустос со договор на дело.
Н.С.Ј.