Во рамки на Основното училиште “Братство и единство” од оваа учебна година функционира и просторијата за привремен престој на учениците каде се згрижени основците од прво до четврто одделение.

Нејзиното отварање е резултат на заложбите на наставникот по математика, Борис Лушевски, кој подржан од колегите и раководството на училиштето, веќе подолг период се обидувал преку изработен идеен проект да добие средства за опремување на просторот.


Идејата се наметна како резултат на барањата од родителите нивните деца вон редовната настава да бидат згрижени во Одделение за привремен престој. Изработениот проект од моја страна го доставив до неколку невладини организации, до локалната самоуправа, амабасади, но одзив од нивна страна немаше. Конечно, минатата година наидов на интерес од страна на една невладина фондација од Америка, која вети дека ќе донира еднократна помош за потребите на одделението, објаснува Лушевски.


Запуштениот простор во подрумските простории од училиштето, Лушевски најпрво со свои средства го опремил, а претставниците од фондацијата од Америка, кога го посетиле училиштето воодушевени од големиот ентузијазам со кој се опремува просторот, одлучиле ветените средства да ги удвостручат.


Одделението за привремен престој секојдневно го посетуваат десеттина ученици, кои со помош на наставник по одделенска настава ги пишуваат своите домашни задачи, се дружат и рекреираат.


– Ова претставува големо олеснување за родителите, бидејќи нивните деца овде се дружат и ги пишуваат своите домашни задачи. Амбиентот е пријатен, освен што се забавуваат со интересни игри, учениците имаат на располагање и компјутер, можат да гледаат телевизија и со задоволство го посетуваат привремениот престој, вели Гордана Трпкоска, учител по одделенска настава.

OhridNews