Теренско возило „туарег“ со скопски регистерски таблички ноќта кон саботата во скопската населба Тафталиџе удрил во неколку возила, според полициски извори станува збор за заменик-министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој до 2 часот не бил пронајден, а според очевидци тој наводно бил во алкохолизирана состојба, пренесува „Макфакс“.
Од министерството за внатрешни работи потврдија дека доцна ноќта на улицата „Алжирска“ се случила сообраќајна несреќа и дека возачот на возилото што ја предизвикало несреќата избегал од местото на настанот
Сомневањата се дека џипот е на Агенцијата за вработување, а оти бил возен од Диме Спасов, заменик-министер за труд и социјална политика.
Во пријавата за сообраќајната несреќа било наведено дека лицето што го урпавувало „туарегот“ били алкохолизирано и избегало. Во „туарегот“ останала сопатничката со иницијали Т.К. којашто била приведена во полициска станица за давање исказ.
Во медиумите од различни извори засега постојат две верзии за несреќата. Според едната во инцидентот има повредени, а според втората неколку возила биле оштетени, но за сите официјални информации МВР детали најави подоцна во текот на саботата.
Местото на инцидентот беше обезбедувано од полицајци кои на новинарските екипи ноќеска не им дозволија пристап поради незапочнатиот увид на несреќата.
Спасов реагира на вестите за сообраќајката во Тафталиџе
Во врска со одредени наслови и текстови на портали кои денеска беа објавени, за наводна „тешка сообраќајна незгода со последници“ должни сме да реагираме, бидејќи истите се базираат на невистини, шпекулации и груби дезинформации кои очигледно се смислени за да наштетат на угледот на дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика, се наведува во реакцијата на Диме Спасов објавена на „Фејсбук“.
„Опозициските портали дрско и непоткрепено манипулираа дека се случила тешка сообраќајна несрека со настанати штети што е целосна невистина. За овој типичен пример на организиран и координиран напад поттикнат во политички цели против дополнителниот заменик министер во наредните денови не е исклучено и поведување постапки пред надлежните судови за докажување на вистината“, се наведува во реакцијата.
Забележливо е, меѓутоа, дека во реакцијата не се негира категорично дека се случила сообраќајна незгода, туку се во прашање се доведуваат медиумските квалификации за последиците од инцидентот.
OhridNews
извор: „Макфакс“