Со смртта на Никола Маневски, Медиумската заедница во Охрид загуби исклучително ценет колега, врвен новинар и пред се човек. Градејќи ја  својата речиси четиридецениска кариера, Никола Маневски остави неизбришлива трага во македонското и охридското новинарство. Овој хроничар со истенчено чувство за пишување, високо одговорно ја извршуваше својата професија, поставувајќи стандарди на работа и однесување кои се пример за професионалност.

Неговиот труд е втемелен во “Радио Охрид”, беше дописник на “Вечерње новости” и “Борба”, и основач на информативната служба на “Отекс” и весникот “АМАК-ПРЕС “. Автор е и на исклучително вредни новинарски проекти,  кои ќе останат за идните генераци. Како новинар постојано се соочуваше со нови предизвиции, но и со препреки, кои мошне умешно ги прескокнуваше. Беше голем борец за зачувување на достоинството на професијата, кое во последно време сериозно е нарушено, благодарение на поединци  кои медиумите ги сфаќаат и користат како алатка за остварување на лични интереси, грубо рушејќи ги моралните  вредности и принципи на професионално однесување.

И како портпарол на Општина Охрид, позиција на која го затекна ненадејната смрт, Маневски остана доследен на новинарските начела. Функцијата ја обавуваше крајно коректно и одговорно, но не се плашеше јавно да ги изнесе своите лични ставови по одредени актуелни теми, за што сведочат неговите колумни објавени во OhridNews и во другите локални медиуми, во кои отворено ги критикуваше општествените состојби. Беше исклучително комуникативен и отворен кон сите. Трпеливо одговараше на сите прашања и  внимателно укажуваше на одредени новинарски пропусти без оглед дали биле намерни или не, со интенција или од невнимание. Знаеше да подвикне за да воведе ред на бројните  прес конференции, но и да се извини за одредени ненамерни пропусти. Секогаш беше ведар и сакаше да се пошегува со колегите, замолуваше учтиво и никогаш не  пропушташе да се заблагодари. Тоа беа длабоки, човечки особини кои го красеа Никола Маневски – новинар со педигре. Таков и ќе го паметиме.

Збогум Никола
редакција OhridNews