По подолго боледување, денеска во 68-та година од животот тивко почина поранешниот постојан дописник од Охрид на Радио Скопје, сега Македонско радио, Јаким Каневче.

Ќе остане во сеќавање како страстен хроничар на настаните што го одбележуваа животот на градот и околината. Одликувајќи се со трудољубивост и исполнителност на работните задачи, низ повеќе жанрови на радиото, ќе остане запаметен со ведрината на духот што ја ширеше меѓу колегите дописници од градот, со урнебесните коментари во шаховските мини турнири во дописништвото на МРТВ, со автентична песнопојност во изведувањето на старите градски песни…

Колегите и јавноста се сеќаваат дека тој беше единствениот новинар кој на работа доаѓаше од прекрасното Канео со кајче.

Наоѓајќи се во крајезерско опкружување во култното Канео, тој беше најголемиот риболовец меѓу новинарите.

По пензионирањето, кога му се влоши здравствената состојба Јаким Каневче и понатаму настојуваше да се сретне со колегите патувајќи по Мостот на желбите од Канео до Летница, со надеж дека ќе ја победи тешката болест со големата поддршка на семејството и пријателите. Но, на крајот ја изгуби битката со подмолната болест.

Неговите посмртни останки, ќе бидат изложени утре, 1- ви април, во капелата на градските гробишта во Охрид, од 13 до 14 часот.

OhridNews