Во 84-та година од животот, вчера во Скопје почина Томислав Томчо Балабан, истакнат општественик, познат и признат во дејностите во кои работеше и делуваше, истакнат Охриѓанец од генерацијата која го градеше и развиваше градот под Самуиловите тврдини во неговите најубави години oд минатиот и почетокот на овој век.

Томислав Томчо Балабан 1937 – 2021

Во богатата професионална кариера, Томчо Балабан беше на чело на некогашниот охридски  градежен гигант „Трудбеник“, овозможувајќи му на претпријатието да ја рашири дејноста на пазарите во странство, потоа работно беше ангажиран во уште еден поранешен стопански гигант „Застава“, по што е назначен за Претседател на Прекршочниот суд во Охрид.

Постојано беше присутен во јавниот живот на Охрид, градски човек, почитуван од сограѓаните. Беше сопруг и татко на две деца, дедо на пет внуци, а стана и прадедо на што беше особено горд.

Погребот во кругот на семејството, според ковид протоколи

Погребот на Томислав Томчо Балабан ќе се изврши на 22 февруари, понеделник, во 12.30 часот на градските гробишта во Охрид, во кругот на семејството, во согласност со здравствените протоколи. По тој повод семејството и Операторот за погребални услуги „Мирен сон“, упатија апел до граѓаните на Охрид за почитување на пропишаните мерки.

Голема благодарност до сите кои во овие тешки моменти за нас ни изразија сочувство и ни ја дадоја нивната поддршка за полесно пребродување на болката која ја имаме во нас. Голем број од Вас ќе сакаат да му оддадат последна почит па затоа Ви се обраќаме јавно дека погребот ќе се изврши согласно протоколите во кругот на семејството. Семејството и организаторот на погребот – Операторот “Мирен Сон” Ве замолуваат Вашето сочувство да го изразувате по телефон или на социјалните мрежи. Ви благодариме за разбирањето и за изразеното искрено сочувство. – стои во апелот на семејството.

OhridNews