Секогаш ведар и насмеан, најчесто на велосипед или на моторче го крстосуваше Охрид да смести некој турист. Работеше непрегорно секој ден, а слободното време го користеше да го прошета светот и да донесе некој нов „зачин“ за привкелување гости во Охрид. Застапуваше многу издавачи на апартмани и сместувачки капацитети. Беше сопственик на туристичката агенција „Визит Охрид“, но всушност тој беше подвижна туристичка агенција. Антониот Ристевски, во охридската јавност познат како Тони Дилерот трагично го загуби животот во сообраќајната несреќа што вчера рано утрото околу 4.30 часот се случи на регионалниот пат Прилеп – Битола. Имаше 42 години.

Тони Дилерот беше познат лик во Охрид, скромен, чесен и почитуван. Се разбира имаше и такви кои го оспоруваа неговиот специфичен начин на работа во туризмот со кој не се согласуваа, но Тони беше успешен и респектиран професионалец. Покрај тоа што водеше агенција, работеше и како туристички водич. Беше еден од најактивните туристички работници во градот, а поради големиот број гости кој ги сместуваше насекаде го доби прекарот Тони Дилерот, кој си го сакаше. Беше познат и надвор од границите на земјата. Донесе многу гости од соседните Србија, Црна Гора, Бугарија….

Посмртните останки на Антонио Ристевски викан Тони Дилерот, ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта во Охрид во вторник, 19-ти септември од 12 до 13 часот. 

OhridNews