Изминатиов викенд во хотелот Гранит, се одржа работилница за млади петрпиемачи на тема „Корпоративен идентитет“, чиј домаќин беше Регионалната занаетчиска комора –  Охрид.

Работилницата која е дел од проектот за економска соработка меѓу Рајнската област-Фалц и земјите од југоисточна Европа, имаше за цел едукација на младите претприемачи и занатчии, кои ја претставуваат иднината на занаетчиството на Балканот.

Според претседателот на Регионалната занаетчиска комора – Охрид, Сашо Богоески, постојано се врши едукација на младите кои сакаат да се занимаваат со занаетчиство.

Постои можност за добивање неповратни средства за отворање на свој бизнис преку агенцијата за вработување. Со овие семинари, ние ќе се обидеме да им помогнеме на младите да ја развијат идната фирма, односно да им пренесеме знаење како да се развиваат од микро во големи претпријатија.“ – вели Богоески.

Работилницата ја водеше германскиот експерт Ивон Најсер, а акцент беше ставен на искуствата и сознанијата за важните аспекти во водењето на претпријатијата, односно поттикнување на модерни млади претприемачи.

Инаку, на работилницата учествуваа млади мајстори од организациските членки на Балканската канцеларија за малостопанство и занаетчиство, која претставува интернационална организација на комори и здруженија на занаетчиското малостопанство во југоисточна Европа и Германија.

OhridNews